Полска ги обвини руските разузнавачи за саботажата на пруга викендов, при што беше оштетена линија која води кон Украина. Коментарите на министерството за специјални услуги се првата јавна изјава дека Русија стои зад експлозијата на пругата Варшава-Лублин, што премиерот Доналд Туск ја опиша како невиден чин на саботажа.
„Властите обезбедуваат докази, собираат информации и ги проверуваат. Сè укажува на тоа дека саботажата била нарачана од руски разузнавачки служби. Русија сака да го потресе нашето општество, сака да нè исплаши“, изјави Јацек Добжински, портпаролот на министерството за специјални услуги.
Владата денеска свика вонреден состанок на својот комитет за национална безбедност, на кој присуствувале воени команданти, началници на служби и претставник на претседателот, за да разговараат за нападот.
Туск вчера рече дека оштетувањето на пругата било намерно и веројатно имало за цел да го разнесе возот, додавајќи дека оваа рута е важна за доставување помош во Украина. Втора саботажа, но без експлозија, била забележана на истата пруга поблиску до Лублин.
Министерството за внатрешни работи потврди дека „без сомнение, имало употреба на експлозиви“, без да навлезе во детали, а локален жител изјави за полската телевизија дека слушнал експлозија претходната вечер.
Како еден од најголемите поддржувачи на Украина, Полска во последниве години доживеа серија големи палежи и саботажи, што ги смета за дел од хибридната војна на Москва против западот.



