Собранието денеска ги изгласа измените на Законот на додадена вредност (ДДВ) со кои за нарачките од странство до 22 евра ќе се плаќа 18 отсто данок. Законот стапува на сила 8 дена по објавата во Службен весник, што значи дека од наредната недела нарачките од „Тему“, „АлиЕкспрес“ и другите онлајн продавници од странство ќе се оданочуваат.
„Предложената законска измена е со цел да се избрише ослободувањето од данок на додадена вредност за увоз на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност. Се пропишува ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалоци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“, стои во измените за Законот.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во Собранието а кажа дека основна причина за измените е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби, пофер и порамноправна положба на малите бизниси во земјава со тие во странство при плаќање ДДВ.
За измените „за“ гласаа 59 пратеници, 12 беа „против“.



