Американските и украинските преговарачи изготвија „ажурирана и рафинирана мировна рамка“ и ќе продолжат интензивно да работат на планот во следните денови, објавија двете држави по разговорите во Женева, кои беа опишани како високо продуктивни. Американскиот државен секретар Марко Рубио кажа дека е постигнат огромен напредок кон усовршување на планот, кој беше претпазливо поздравен од Русија, но не и од лидерите во Украина и Европа, кои сметаат дека тој наголемо ја фаворизира Москва.
Рубио кажа дека има уште доста работа, додека Володимир Зеленски изјави дека „има сигнали дека тимот на претседателот Доналд Трамп нè слуша“.
„Преговарачките тимови во Женева имаа многу добар ден. Главната цел беше да се обидат да ги стеснат отворените точки од американскиот план и го постигнаа тоа на суштински начин. Сепак, секој конечен договор ќе мора да биде договорен од украинскиот и американскиот претседател пред да може да се достави во Русија. Сè уште има некои прашања за кои се преговара“, рече Рубио.
Позитивните извештаи од состанокот уследија неколку часа откако Трамп преку социјални мрежи ја обвини Украина дека покажува нулта благодарност за напорите на САД за завршување на војната и ја искара Европа што продолжува да купува руска нафта.
Иако американскиот мировен план не е објавен во целост, главните детали излегоа во јавност минатата недела. Меѓу другото, тој бара од Украина да го предаде целиот Донбас, да ја намали својата војска на 600.000 припадници од сегашните 880.000 и да вети дека никогаш нема да се придружи на НАТО. Остатокот од фронтот би бил замрзнат на сегашните линии, а Украина би добила „цврсти безбедносни гаранции“, за што не се дадени детали.
Трамп претходно ѝ даде рок на Украина да го потпише договорот до 27 ноември, иако викендов призна дека нацртот не е „конечна понуда“.
„Јас сум голем оптимист дека ќе стигнеме дотаму во многу разумен временски период, без разлика дали е четврток или понеделник следната недела“, рече Рубио.



