НАД 90 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ КОИ ПРЕТРПЕЛЕ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ЗЕМААТ КРЕДИТИ ИЛИ ПОЗАЈМИЦИ ЗА ДА ПРЕЖИВЕАТ ВО ПРВИТЕ МЕСЕЦИ, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО ЕСЕ

    НАД 90 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ КОИ ПРЕТРПЕЛЕ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ЗЕМААТ КРЕДИТИ ИЛИ ПОЗАЈМИЦИ ЗА ДА ПРЕЖИВЕАТ ВО ПРВИТЕ МЕСЕЦИ, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО ЕСЕНевидливата, но речиси универзална последица од семејното насилство е економската несигурност на жените и децата по разводот или разделбата. (Фото: К. Попов)

    Жените се соочуваат со сериозни економски последици поради насилството, односно 80 отсто од жените биле спречени да работат од страна на насилниот партнер, а 42 отсто од жените го изгубиле своето работно место како директна последица од насилството, велат податоците на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ.

    Денеска почнува светската кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ на Обединетите нации Жени, во рамките на иницијативата УНиТЕ за ставање крај на насилството врз жените. Кампањата се одржува секоја година во периодот од 25 ноември до 10 декември и го поврзува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените со Денот на човековите права.

    Од ЕСЕ велат дека невидливата, но речиси универзална последица од семејното насилство е економската несигурност на жените и децата по разводот или разделбата.

    „Насилството не завршува по напуштањето на насилната заедница, тогаш започнува економската борба. Невидливата страна на насилството се економските трошоци, што жените не можат да ги издржат. Ова значи дека жените ја започнуваат транзицијата кон нов живот со сериозно нарушена економска основа“, велат оттаму.

    Поради последиците од насилството, здравствените трошоци претставуваат голем и непланиран товар, односно 48 отсто од трошоците се за лекови, 21% за хоспитализации и 19% за матичен лекар и итна помош.
    Овие трошоци често се плаќаат приватно, бидејќи жените имаат ограничен пристап до јавни услуги или им треба навремена поддршка која ја нема во системот. По напуштањето на домот, жените мора итно да најдат ново сместување, што подразбира кирија, сметки, основен мебел, транспорт и секојдневни трошоци.

    „Сегашните можности за финансиска поддршка и економско јакнење од страна на државата се недоволни и несоодветни, па жените често остануваат без реален излез од економската криза што ја предизвикува насилството. Над 90% од жените земаат кредити или позајмици од роднини и пријатели за да преживеат во првите месеци по насилството“, вели Здружението.

    Нивната анализа покажала дека постојниот систем на досудување и наплата на издршката за децата ги остава жените и децата без реална заштита. Во над 50% од случаите судската издршка не ги задоволува реалните трошоци за детето. Седумдесет отсто од жените се соочуваат со ненавремена, делумна или целосно неплатена издршка.

    „Жените ретко ги користат законските механизми за наплата, бидејќи постапките се долги, неефикасни и скапи, а често и поради страв од одмазда од насилникот. Ова значи дека во најголем дел од семејствата, во овој период на транзиција мајката сама ги обезбедува сите средства за живот на децата, без поддршка од државата или од другиот родител“, велат од ЕСЕ.

    Здружението предлага неколку системски решенија за нов почеток на жените, како: финансиска поддршка во првите 6–12 месеци по напуштањето на насилната заедница, можности за вработување и преквалификација во партнерство со институциите и приватниот сектор, ефикасен механизам за наплата на издршката кој ќе гарантира дека децата ги добиваат средствата што им следуваат и координирана институционална поддршка за надминување на економските последици од насилството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира