СТРАВ МИ Е КОЈ СÈ ОСТАНА ДА РАБОТИ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, РЕЧЕ Д-Р БЕЌАРОВСКИ НА ПАНЕЛ ЗА ПАРТИСКИТЕ ВРАБОТУВАЊА

    СТРАВ МИ Е КОЈ СÈ ОСТАНА ДА РАБОТИ НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, РЕЧЕ Д-Р БЕЌАРОВСКИ НА ПАНЕЛ ЗА ПАРТИСКИТЕ ВРАБОТУВАЊАСинадиновска, Коцевски, Бојан Трајковски од Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, д-р Беќаровски и д-р Горан Димитров од Македонското лекарско друштво на настанот на „Солуција“. (Фото: СДК.МК)

    Жално и трагично е што во 2025 во која било држава да отидам, ќе најдам свои студенти кои биле меѓу најсолидните кандидати во својата генерација , а кога ќе тропнам на вратите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, искрено ми е страв каде ќе тропнам. Можете да замислите кој е квалитетот на кадарот кој се вработува, рече проф.д-р Нико Беќаровски од Клинката за токсикологија на вчерашната панел-дискусија „Ни ваши ни наши – реформа за фер вработувања во здравството“.

    Настанот го организираше Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, кои преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бараат укинување на дискреционото право на директорите при вработувања.

    Катарина Синадиновска од „Солуција“ кажа дека за три години се сменија четири министри за здравство и со сите разговараат за измени на Законот за здравствена заштита, и дека конечно, по разговорите со актуелниот министер Азир Алиу, се вклучени во работната група на измени на законот.  Тој на 6 октомври кажа дека 12  закони од областа на здравството се анализираат од претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство, за да бидат синхорнизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем.

    Гоце Коцевски од Здружението на млади правници рече дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот има дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.

    „Директорот на здравствена установа има одврзани раце кого ќе вработи и покрај мислењето од Комисијата, која самиот ја составува. Ако сака може и последниот од ранг-листата да го вработи.  Ние предлагаме да одлучува не Комисија составена од директорот, туку Комисија составена од Стручниот колегиум на здравствената установа. Со други зборови, да не ве оценува некој што не е врзан со вашата област“, рече Коцевски.

    Коцевски кажа дека се задоволни од досегашната работа и дека во работната верзија на законот, и меѓудругото прифатени се нивните барања како на пример, огласот за вработување да трае 15 дена, да се објави онлајн на повеќе места, а не само во печатени медиуми, како и тоа Комисијата да биде клучна која ќе ги спроведе трите фази на проверка и да го спроведува интервјуто.

    „Огласите се објавуваат во петок, пред празник, после празник, и веројатноста до вас да стигне е мала. Ова е работна верзија на законот и треба да следиме како ќе се развива понатаму, бидејќи, сѐ е можно. Треба да бидеме будни“, кажа Коцевски.

    Д-р Беќаровски, кој има 35 години стаж на Клиника и 33 години е професор на Медицинскиот факултет, секогаш отворено зборува за своите искуства од долгогодишната кариера. Тој сподели како изгледа интервју за работа, со кандидат кој има врски.

    „Стигнуваат прашања кој кандидатот кој треба да е вработен однапред ги знае, тој го решава тестот за 10 минути, а тестот реално и ние од Комисијата со 30 години искуство ќе имаме проблем да го решиме бидејќи се избира од 3-.400 прашања. Тука се создава една голема дискрепанца на старт со бодовите. После тоа следува усмениот испит каде повторно, во затворено плико има прашања. Ако има 4 кандидати, осум прашања, ако се 5, 10 прашања. Кандидатот што треба да биде вработен, ги знае сите прашања. Ако има Комисија која што сака да испраша како што треба , да го прошета низ материјалот, ќе види дека ни грам лево ни грам десно не знае од тоа што е кажано. И кога после сите овие работи повторно нема да биде избран кандидатот кој треба, стапува на сила дискреционото право на директорот. На една колешка, која поднесе потоа жалба, и рекоа: ‘Ти си најпаметна, ти најмногу знаеш ама мене ми е најубав кандидатот број 4 и него ќе го изберам’. Тоа интервју на се личи само не на интервју бидејќи се сведува на форма во која што еден по еден влегуваат. Тој што ќе биде примен му се честита уште пред да заврши интервјуто со останатите“, рече д-р Беќаровски.

    Ако скопскиот Клинички центар, вели тој, некогаш беше предизвик и гордост, денеска единствената врвна установа стана само собиралиште на партиски кадри.

    „Ако ова не го смениме, џабе се и приватните болници, бидејќи и таму таа стара гарда што студираше по некои стандарди и критериуми, полека ќе замине во пензија и таму ќе дојдат луѓе кои останале во државава, а во државата верувајте ни останува далеку од кремот. На мене и моите колеги со долгогодишно искуство, искрено ни е страв со сите врски што ги имаме низ Клинички на која врата ќе тропнеме“, додаде тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира