Италијанскиот парламент го прогласи фемицидот, односно убиството на жена мотивирано од полот, за посебно кривично дело за кое ќе се добива доживотна затворска казна. Законот симболично беше усвоен на денот посветен на елиминирањето на насилството врз жени низ светот.
Идејата за закон за фемицид се разгледувала во Италија и порано, но нејзината реализација била забрзана по убиството на Џулија Чекетин од нејзиното поранешно момче. Трагедијата што ја шокираше целата земја се случи кон крајот на ноември 2023, кога Филипо Турета ја избодел до смрт 22-годишната Џулија, го замотал нејзиното тело во кеси и го фрлил покрај езеро.
Убиството беше главна вест сè додека Турета не беше фатен, но она што посебно одекна беше моќниот одговор на сестрата на Џулија, Елена.
„Убиецот не беше чудовиште, туку здрав син на длабоко патријархално општество“, кажа Елена, што ги поттикна толпите низ цела Италија да бараат промени.
Две години подоцна, италијанските пратеници едногласно го изгласаа законот за фемицид, со што Италија стана една од ретките држави која го прогласила ова злосторство за посебно кривично дело. Отсега, секое убиство на жена мотивирано од нејзиниот пол ќе се смета за фемицид. Во Европска Унија, ваков закон постои само уште во Хрватска, Кипар и Малта.
Не постои усогласена светска дефиниција за фемицид. Италијанскиот закон ќе се применува за убиства кои се „чин на омраза, дискриминација, доминација, контрола или потчинување на жената како жена“ или кои се случуваат кога таа раскинува врска или за да „ги ограничи нејзините индивидуални слободи“.
Најновите полициски податоци покажуваат дека лани во Италија имало 116 убиства на жени, од кои 106 биле мотивирани од пол. Во иднина, ваквите случаи ќе се евидентираат одделно и ќе носат автоматска доживотна казна затвор како мерка за одвраќање.



