ПО СКОПЈЕ И ЊУЈОРК, ИЗЛОЖБАТА ЗА АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ СКОПЈЕ ПРЕТСТАВЕНА ВО БЕРЛИН

    ПО СКОПЈЕ И ЊУЈОРК, ИЗЛОЖБАТА ЗА АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ СКОПЈЕ ПРЕТСТАВЕНА ВО БЕРЛИННа изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани архитектки. (Фото: Континео)

    По Скопје и Њујорк, изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ на авторите Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски вчера беше отворена пред многубројна публика во  галерија во Берлин. Фокусот на изложбата е придонесот на жените на архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје.

    Галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ е изградена од оригиналните фасадни елементи од историската зграда на школата „Баухаус“ во Десау и претставува пионерски пример за трансформација на архитектонското наследство.

    „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените во македонската архитектура, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и за културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации.

    Фокусот на изложбата е придонесот на жените на архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. (Фото: Континео)

    На изложбата во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани архитектки: Мимоза Несторова-Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова-Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова-Костиќ и Росанда Мичева.

    Кураторката Катарина Депиш, заедно со архитектите Ивановска-Дескова, Десков и Ивановски, утре во галеријата ќе водат тура и пред посетителите ќе водат разговор на тема „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“. На 29 ноември, тројцата архитекти ќе имаат свое излагање на меѓународна конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „Европско триенале на модернизмот“.

    Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ беше финансирано во 2021 од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија во декември 2021 и во Македонскиот културен центар во Њујорк во јули годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира