АРХИТЕКТКИТЕ НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, ЌОСЕВСКА, ПАПЕШ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ВНЕСУВАЈЌИ ГО ЕВРОПСКИОТ МОДЕРНИЗАМ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА НОВАТА ИЗЛОЖБА

    АРХИТЕКТКИТЕ НЕСТОРОВА-ТОМИЌ, ЌОСЕВСКА, ПАПЕШ ГО ИЗГРАДИЛЕ СКОПЈЕ ВНЕСУВАЈЌИ ГО ЕВРОПСКИОТ МОДЕРНИЗАМ, ВЕЛАТ АВТОРИТЕ НА НОВАТА ИЗЛОЖБАПроектот е работен со обемен архивски и историски материјал. - Од отворањето на изложбата. (Фото: К. Попов)

    Мимоза Несторова-Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Росанда Минчева, Василка Ладинска, Олга Чоланчевска, Билјана Филиповска и многу други се архитектките кои силно влијаеле врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти, вели Ана Ивановска-Дескова, дел од тимот на импресивната архитектонска изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, која е поставена во Музејот на Северна Македонија. Авторскиот тим го сочинуваат и Владимир Десков и Јован Ивановски.

    Изложбата се следи со голем интерес во јавноста, оти на едно место се прикажани авторки кои имале голема улога во обликувањето на постземјотресно Скопје, и нуди ретка можност, со помош на мапа, да се види и научи на пример, која авторка стои зад Музејот на Северна Македонија, Олимпискиот базен „Центар“ или Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Театарот на народностите, библиотеките „Другарче“ и „Браќа Миладиновци“…

    Креативниот и авторски тим на изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“. (Фото: К. Попов)

    Ивановска-Дескова вели дека проектот е инспириран од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата. Во еден специфичен контекст на поранешна Југославија, жените архитекти рамноправно остваруваат пристап до професијата, раководат големи проекти од секаков карактер, добиваат значајни награди.

    Иако темата е поширока, проектот „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ своето внимание го ограничува и во територијална и во хронолошка смисла, задржувајќи се на периодот, вели Ивановска-Дескова, кој е несомнено најзначаен во поновата архитектонска историја на Скопје.

    (Фото: К. Попов)

    Постземјотресната обнова подразбира забрзана изградба, подигање на стандардот во сите области (домување, образование, култура…) и интензивно менување на ликот на градот, а жените архитекти рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.

    „Периодот на 1960-те, 1970-те и раните 1980-ти години е време на плодно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Несторова-Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Росанда Минчева, Василка Ладинска и многу други. Дел од авторките се школувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри, дел припаѓаат на првите генерации излезени од Архитектонскиот факултет во Скопје. Сите тие силно влијаат врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти“, вели тимот на изложбата.

    (Фото: К. Попов)

    Проектот следи една веќе востановена методологија – отворање на архивите (институционални и приватни), пронаоѓање на документарен и архивски материјал, негова обработка и истражување, толкување и презентација.

    „Она што е специфично за овој проект е засилената промоција со цел да се зголеми видливоста и знаењето за оваа тема, преку различни медиуми кои имаат за цел да допрат до различна публика – архитектонска изложбена поставка, печатен и промотивен материјал, кратки едукативни видеа, просторни инсталации, присуство на социјалните медиуми, како и веб платформа, наменски создадена запроектот, а со идеја да продолжи да се надградува и по неговото завршување“, додава Ивановска-Дескова.

    (Фото: К. Попов)

    Носител на проектот е Здружението за поддршка и промоција на културата Континео 2020, проект координатор е Бојана Стојменовска,  а соработници се Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Изложбата ќе трае до 23 март 2022.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира