Помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски е меѓу затруените ученици со храна во основното училиште „Димо Хаџидимов“ во скопската населба Влае, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Марија Митева, портпаролката на Владата.
Тој и соучениците се чувствуват подобро.
„Точно е дека и детето на премиерот е меѓу затруените со храна што ја конзумирале учениците во ОУ „Димо Хаџидимов“. И тоа беше беше меѓу хоспитализираните деца, но сега е пуштено на домашно лекување. Им посакуваме на сите деца од училиштето кои добија труење од храна што поскоро да оздрават, да им помине и да се вратат назад на училиште“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Марија Митева, портпаролката на Владата.
Околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае во Општина карпош се пожалиле на стомачни болки, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање“, рекоа од Агенцијата, додавајќи дека по завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки.
Инспекциските служби на АХВ во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, денеска спроведуваа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во училиштето.
С. К. ДЕЛЕВСКА



