ОТКАКО ПАК ПОЧНА ДА СЕ ЛИЗГА ЗЕМЈИШТЕ НА ВОДНО, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ДА ИНТЕРВЕНИРА ВО ПРИВАТЕН ИМОТ

    ОТКАКО ПАК ПОЧНА ДА СЕ ЛИЗГА ЗЕМЈИШТЕ НА ВОДНО, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР БАРА ПОМОШ ОД ВЛАДАТА ДА ИНТЕРВЕНИРА ВО ПРИВАТЕН ИМОТОва не е првпат да се јавуваат проблеми на оваа локација. На 10 јуни минатата година се урна дел од потпорниот ѕид токму на улицата „Белградска“, која поминува над Детската клиника. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар побара од Владата да се интервенира на приватен имот, откако повторно се излизга земјиште на Водно, на улиците „Белградска“ и „Партеније Зографски“ кое претставува ризик за околните објекти и делови од Клиничкиот центар.

    Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски соопшти дека поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно и реалната опасност од негово понатамошно ширење, денеска се одржал итен координативен состанок на кој учествувале тој, претставници на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.

    Заклучоците од состанокот веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.

    Констатирано е дека уште во 2022 Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно.

    „Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид, а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата. Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече градоначалникот Герасимовски.

    Ова не е првпат да се јавуваат проблеми на оваа локација. На 10 јуни минатата година се урна дел од потпорниот ѕид токму на улицата „Белградска“, која поминува над Детската клиника во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

    Дел од потпорниот ѕид зад Клиниката за детски болести во Скопје се урна лани на 10 јуни, а тој сѐ уште не е ниту саниран, ниту се знае кога ќе биде саниран, ниту пак зошто не се решава проблемот.

    По неколкумесечни преговори која институција е надлежна за интервенцијата, на 31 октомври лани Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката.

    Последната информација која ја добивме од Министерството за здравство беше годинава во февруари, кога ни рекоа дека изготвиле информација до Владата, со која се предвидува повеќегодишна јавна набавка за изведба на потпорен ѕид кај Детска клиника, во вкупна вредност од 18.7 милиони денари, (над 306 илјади евра).

    „Иако оштетувањата на ѕидот се настанати поради неисправност на инсталациите за одвод на атмосферски води, имајќи предвид дека станува збор за ограден ѕид на јавна здравствена установа, Министерството за здравство презеде иницијатива да спроведе јавна набавка за изготвување основен проект и да подготви тендерска документација за јавна набавка за избор на изведувач и надзор на работите при што новиот ограден ѕид би се извел согласно донесената планска документација. По усвојување на информацијата на Влада, Министерството ќе подготви тендерска документација и ќе објави оглас за реализација на повеќегодишната јавна набавка. Покрај потпорниот ѕид, предвидено е поставување нови и санирање на постојните инфраструктурни водови, како и соодветно поставување на останатите инсталации“, рекоа од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК во февруари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира