Шефот на кабинетот на Володимир Зеленски, Андриј Јермак, поднесе оставка по рацијата на антикорупциските агенции во неговиот дом денеска. Јермак беше најблискиот советник на Зеленски од почетокот на војната и главен украински преговарач во мировните разговори со САД. Важеше за втората највлијателна личност во земјата и неретко го нарекуваа потпретседател.
Тој се најде под силен притисок на јавноста поради големиот корупциски скандал во енергетскиот сектор во земјата, иако досега не беше обвинет во случајот.
Јермак потврди дека имало претреси на неговите имоти, велејќи дека целосно соработува со истражителите.
Двајца министри беа сменети по откривањето на корупциската шема од 100 милиони долари, раководена од некогашниот деловен партнер на Зеленски, Тимур Миндич, кој избегал од земјата. Според антикорупциското биро НАБУ, неколку лица формирале криминална банда и изградиле голема корупциска шема за да влијаат врз стратешките претпријатија од јавниот сектор, особено државниот оператор за нуклеарна енергија „Енергоатом“.



