Денешното судско рочиште за поажрот во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани на 16 март со 63 жртви и над 200 повредени, почна со укор од судијката Диана Груевска-Илиевска кон обвинетиот Џеваир Камбери, кај кого полицијата во затворот во Шутка нашла 13 мобилни телефони и лаптоп. Таа му рече на обвинетиот дека за ова следи самица, но сега ќе добие само укор.
Обвинителите реагираа дека често се случува во затворите да има мобилни телефони и дека не треба да се изрекуваат само опомени.
Непознато е како се нашле толку мобилни апарати во ќелијата на Џеваир Камбери, единствениот од сите 35 обвинети кој е обвинет за примање мито. Камбери, пак, кажа дека кога дошол во ќелијата, апаратите биле таму.
Камбери е обвинет како службено лице – советник во Министерството за економија. Според обвинението, тој е дел од синџирот што овозможил „Пулс“ да работи со фалсификувани лиценци. Се товари дека примал поткуп и изготвувал лажни службени исправи, при што, според Обвинителството, зел 226.000 денари (над 3.600 евра) за да издаде фалсификувана дозвола.
Судењето денеска продолжува со изјаснување за вина на обвинетите.
С. К ДЕЛЕВСКА



