Благодарна сум на сите оние кои ми правеа пречки во кариерата, рече кореографката и професорка Рисима Рисимкин на синоќешната промоција на нејзината монографија „Рисима“ од новинарката Јасна Франговска.
Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам. Монографијата низ разговор со Франговска и Рисимкин ја претстави Јулијана Величковска, главна и одговорна уредничка на „ПНВ Публикации“.
„Кога има пречки, не значи дека треба да се откажете, да прекинете, секогаш ќе се најде некој што ќе ве поддржи, што ќе ве разбере и така некако животот прави свој баланс. Кога ние остануваме долседни на тоа што го правиме, што го сакаме и живееме, и животот ни враќа така. Почитта кон другите дава почит кон себе. На студентите им велам: ‘Никогаш не се откажувме, секогаш одиме понатаму, таму каде што сакаме. Успехот не е пет минути слава на Инстаграм. Публиката го зема тоа што го оставаме на сцена. Пресвртна точка во мојот живот е кога се определив да бидам кореографка и после сѐ е борба за да опстане таа идеја и да дојдеме до одредени резултати. Само поединец може да прогресира и да донесе промена“, рече Рисимкин, уметничка директорка на „Интерарт“, која пред 21 година го основаше Tанц фест Скопје, еден од најомилените настани на македонската публика.
Рисимкин, која е основач на Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и на Скопје танцовата академија, зад себе има и 40-тина меѓународни гостувања, рече дека кај нас современата танцова сцена се развива последните 30-тина години и дека во моменот може комплетно да се носи со светската сцена, освен во однос на средствата. За квалитетот, рече таа, нема сомнеж.

Рисимкин со поранешната холандска амбасадорка во земјава, Симоне Филипини, која специјално дошла во Скопје за промоцијата. Филипини беше голем поддржувач во развојот на Танц фест Скопје. (Фото: СДК.МК)
Франговска рече дека за неа монографијата не е предизвик за пишување, туку личноста, а Рисима ѝ била предизвик оти е од оној тип на луѓе кои не 100, туку 150 осто живеат за својата уметност.
„Во книгата се водев по новинарски принцип од старата школа. Ние сме од генерација каде не се фалевме сами и работевме вредно и чекавме други да нѐ пофалат, затоа овде има многу реценизи, што е важно за нејзината работа. Ниту еден успех не доаѓа случајно, сѐ е тоа резултат на добра и посветена работа, нема успехот пет минути слава на Фејсбук ако не запнеш и не се посветиш. Рисима ги проби границите, воведе модерен танц во време кога се збореше само за балет во шпиц патики. Благодарение на Рисима, балетот ја доби својата независна сцена, која е придвижувач на културата“, кажа Франговска.
На 180 страници опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисимкин, од самите почетоци како балерина, предизвиците со кои се соочувала, „до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц“.
Објавени се и фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чии автори се Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Антонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски-Летра, Емил Петров и Борис Грданоски.
Б. НЕСТОРОСКА



