АМЕРИКАНСКИ ЏАМБО АВИОН „БОИНГ 747“ СЛЕТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    АМЕРИКАНСКИ ЏАМБО АВИОН „БОИНГ 747“ СЛЕТА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМЏамбоџетот долета од американската воена база Довер на источниот брег на САД со транспорт наменет за потребите на Армијата на РСМ. (Фото: А. Алков за СДК.МК)

    Транспортен џамбо авион од типот „боинг 747“ на американската компанија „Атлас ер“  утринава слета на Скопскиот аеродром. Долета од американската воена база Довер на источниот брег на САД.

    Од Министерството за одбрана за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека транспортот е наменет за потребите на Армијата.

    Прекуокеански широкотрупни авиони како што е „боинг 747“ се ретки посетители на Скопскиот аеродром.

    Иако Меѓународниот Аеродром Скопје не е типично опремен за прием на најголемите „џамбоџет“ авиони како што се „ербас“ А350 , „ербас“ А330, или „боинг“ 787 и 747 поради должината на пистата и инфраструктурата, сепак, ова не е првпат големи летала да слетуваат тука. Летоска за потребите на младинската Олимпијада што се одржуваше во Скопје, слетаа прекуокеанските „ербас А330“ на Туркиш ерлајнс на редовната линија од Истанбул, како и вонреден лет на „Етиопијан ерланјс„ од Париз со „боинг 787- дримлајнер“.

    Четворомоторецот „747“, или како што го викаат „Кралицата на небото“ е поголем од овие широкотрупни авиони.

    „Боинг 747“ го викаат „Кралица на небото“ е многу редок посетител на Скопскиот аеродром. Најмногу леташе за време на косовската бегалска криза во 1999 (Фото: А. Алков за СДК.МК)

    И за време на косовската криза во 1999 година, на аеродромот често слетуваа воени транспортни авиони „Ц-5 галакси“ на американското воено воздухопловство. Исто така, во мај истата година, широкотрупни авиони од типот „боинг 747“, изнајмени од Меѓународната организација за миграција (ИОМ), беа користени за транспорт на косовските бегалци во САД, превезувајќи по околу 450 патници на лет.

    „Боинг 747“ престана да се произведува во јануари 2023.

    Последниот џамбо џет „747“ нарачан токму од „Атлас ер“, компанијата што денеска долета во Скопје за потребите на македонската армија, ја напушти фабриката во американската сојузна држава Вашингтон на 31 јануари 2023.

    Почнувајќи од 1969, „747“ служеше како товарен и комерцијален авион способен да превезува речиси 500 патници, како претседателски авион „ер форс уан“, а НАСА со него транспортираше спејс шатлови. Но, во изминатите 15 години, европскиот ривал „Ербас“ воведе попрофитабилни и поштедливи авиони со два мотора, наспроти четирите на „747“.

    М. ИЛИОСКИ

    АКО СТЕ ЉУБИТЕЛ НА АВИЈАЦИЈА МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА ОД НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира