НЕ МОЖЕ ДА ИМА ПРАВДА СО ЗАМЕНСКИ ОБВИНЕТИ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ, РЕЧЕ ВО ВОВЕДНИОТ ГОВОР ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ РАТКО ДИМИТРОВСКИ

    НЕ МОЖЕ ДА ИМА ПРАВДА СО ЗАМЕНСКИ ОБВИНЕТИ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ, РЕЧЕ ВО ВОВЕДНИОТ ГОВОР ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ РАТКО ДИМИТРОВСКИЕдинствен во државата сум реагирал и барал да не се даде дозвола за работа на клубот „Пулс“. Со ваквото обвинение испаѓа дека јас сум требал да ги преземам надлежностите на МВР и републичките органи, кажа Димитровски (во средина на третиот ред). (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот градоначалник на Кочани Ратко Димитровски, еден од обвинетите за страотниот пожар со 63 жртви во импровизираниот клуб „Пулс“ на 16 март, ја продолжи серијата воведни говори во кои отворено се прозиваат други одговорни лица или институции и во кои се напаѓа обвинението.

    „Не може да има правда со заменски обвинети“, рече Димитровски по воведниот говор на неговиот адвокат.

    Тој рече дека кога државен орган одобрува, градоначалник и Општина немаат надлежност да го контролираат и проверуваат.

    „Целата постапка за издавање лиценца се води пред државен орган и Општината нема ама никакви ингеренции. Нека се откаже државата со закон од овие ингеренции, а не да се свртува внимание со лажни обвиненија. Единствен во државата сум реагирал и барал да не се даде дозвола за работа на клубот ‘Пулс’. Со ваквото обвинение испаѓа дека јас сум требал да ги преземам надлежностите на МВР и републичките органи“, кажа Димитровски.

    По него следуваше адвокатот на поранешниот градоначалник Николчо Илиев, чиј адвокат рече дека ќе докаже оти клиентот работел според законот, ги донел сите подзаконски акти и нема врска со пожарот.

    Претходно, воведни зборови денеска даваа тројца обвинети градежни инспектори од Општина Кочани, кои прашаа каде се меѓу обвинетите Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи (УЈП)?

    Никој од нив не призна дека имал надлежност да презема активности за кои Обвинителството смета дека ги имале.

    Никој од 35-те обвинети не призна вина за големата трагедија, па ни последниот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов, во чие време се случи катастрофалниот пожар. И неговиот адвокат го обвини Обвинителството дека се водело по потребата на јавноста да се најдат виновници по секоја цена и кое, како што рече, за да ѝ се додвори на јавноста, го собрало Папазов меѓу обвинетите.

    Тој побара правда и за обвинетите, не само за жртвите, што предизвика гласни реакции од родителите на жртвите присутни во судницата. За разлика од Димитровски и Илиев, тие најмногу се огорчени од Папазов.

    „Да му се извиниме ние, ако не“, реагираа нервозно ужалените родители.

    И адвокатот на Папазов обвини други институции. За пожарот и огромниот број жртви, го обвини системот.

    „Инспекциите не постапувале и тие се виновни, а не Папазов. Тој не е градежен инспектор“, рече адвокатот.

    Во досегашните воведни зборови имаше и такви кои ги обвинуваа членовите на музичката група „ДНК“, чија пиротехника на концертот го запали лесно запалливиот, неквалитетен и отровен материјал со кој одвнатре бил обложен објектот за лесна индустрија, адаптиран во легален ноќен клуб.

    Во насока „не сум јас крив, немам врска со настанот, други се виновни“, продолжуваат воведните зборови на обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира