КАЗНА ОД 2.450 ЕВРА ЗА „ВАНИЛА ФУД“ ОТКАКО ОД ХРАНА СЕ ЗАТРУЈА 40 ДЕЦА ВО СКОПСКОТО ШКОЛО „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“

    КАЗНА ОД 2.450 ЕВРА ЗА „ВАНИЛА ФУД“ ОТКАКО ОД ХРАНА СЕ ЗАТРУЈА 40 ДЕЦА ВО СКОПСКОТО ШКОЛО „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ“На 26 ноември, околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае во скопски Карпош се пожалија на стомачни тегоби. (Фото: Независни за Карпош )

    Операторот за храна „Ванила фуд“ е казнет со вкупно 2.450 евра, односно две казни по 900 евра и една од 650 евра, откако на 26 ноември, околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае во скопски Карпош се пожалија на стомачни тегоби. Меѓу затруените ученици беше и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски.

    По извршените анализи, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на 28 ноември соопшти дека грам негативни бактерии од групата Enterobacteriaceae, фекални бактерии се најдени во примерок од мусаката која се служела во прва смена во школото, а исто така се пронајдени и на три чешми во училиштето.

    Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека официјално ги добила резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви, од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов” и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.

    „Со 600 евра во денарска противвредност и 300 евра за одговорното лице, казнет е операторот со храна бидејќи со земените мостри храна од ОУ ‘Димо Хаџи Димов’ било потврдено дека послужената мусака, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae). Од земените мостри храна и брисеви од во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии. На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност ( 600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа (немање топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност“, соопшти Агенцијата.

    Оттаму додаваат дека нивни инспектори  по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов“, денес, повторно земаа брисеви од работните површини во кујната заради утврдување на најзината безбедност. На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена сѐ до добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира