Заштитниот штит на нуклеарната централа во Чернобил, во Украина, изграден за да го задржи радиоактивниот материјал од катастрофата во 1986 година, веќе не може да ја извршува својата главна безбедносна функција поради оштетување од дрон, соопшти во петокот нуклеарниот надзорен орган на ООН. Украина го припишува овој напад на Русија.
Меѓународната агенција за атомска енергија (MAAE) соопшти дека минатонеделната инспекција на челичната структура за затворање, завршена во 2019, покажала дека ударот од дронот во февруари, три години по започнувањето на руската инвазија врз Украина, ја деградирал конструкцијата.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави дека „Инспекциската мисија потврди дека (заштитната структура) ги изгубила своите примарни безбедносни функции, вклучително и способноста за затворање, но исто така утврди дека нема трајно оштетување на нејзините носечки структури или мониторинг-системи.“ Гроси рече дека веќе биле извршени поправки, „но сеопфатната обнова останува неопходна за да се спречи понатамошно влошување и да се обезбеди долгорочна нуклеарна безбедност.“
Обединетите нации на 14 февруари објавија дека украинските власти соопштиле дека дрон со високоексплозивна боева глава ја погодил електраната, предизвикал пожар и ја оштетил заштитната обвивка околу реакторот број четири, кој беше уништен во катастрофата во 1986 година.
Украинските власти рекоа дека дронот бил руски. Москва негираше дека ја нападнала електраната.
Нивоата на радијација останале нормални и стабилни и немало извештаи за истекување на радијација, соопштија Обединетите нации во февруари.
Експлозијата во Чернобил во 1986 година испушти радијација низ цела Европа и ги поттикна советските власти да мобилизираат огромен број луѓе и опрема за справување со несреќата. Последниот активен реактор на електраната беше затворен во 2000.
Русија ја окупираше електраната и околината повеќе од еден месец во првите недели од нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022, додека нејзините сили првично се обидуваа да напредуваат кон украинската престолнина Киев.
МААЕ ја изврши инспекцијата истовремено со национална проценка на штетите врз електричните трафостаници предизвикани од речиси четиригодишната војна меѓу Украина и Русија.



