Уште не е завршено уредувањето на просторот кој Националниот џез-оркестар (НЏО) во март 2024 го доби во зградата под Националната опера и балет (НОБ). Од претходната Влада на 14 март 2024, Џез-оркестарот како траен дом ги доби просториите под Операта од околу 500 квадратни метри, каде ќе има простории за работа на оркестарот, простории за проби, магацин за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија. Проектот е вреден 10 милиони денари (над 160.000 евра).
На крајот на октомври, пред заминувањето за европската турнеја, на прашањето до каде е адаптирњето на просторот, директорот на Џез-оркестарот Гоце Стевковски ни рече дека во тек е последната фаза од реновирањето на просториите и дека останува да се најде изведувач за внатрешно уредување, односно акустичко и ентериерно оспособување на просторот за да може таму да почнат да работат.
Од Министерството за култура ни рекоа дека во поголем дел е завршено реновирањето на просторот наменет за Националниот џез-оркестар.
„Останува да се изведат уште завршните обработки на подни, ѕидни и плафонски облоги и завршни ентериерни работи, предвидени согласно проектната документација. За овие работи беше спроведена постапка за јавна набавка која ќе биде поништена поради тоа што на набавката пристигната е само една понуда со понудена вредност повисока од проценетата проектанска вредност. Министерството за култура и туризам повторно ќе објави јавна набавка за реализација на овој последен дел од проектот, по што ќе биде комплетно предаден на установата“, ни рекоа од Министерството.
Националниот џез-оркестар беше формиран во март 2023. Нема своја сала, па концертите, кои се секогаш распродадени, ги одржува во Филхармонијата и Македонскиот народен театар (МНТ).
Следниот концерт е на 8 декември од 20 часот, со тројца реномирани музичари гости: Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус и Дарко Рундек. Диригент е Џијан Емин, концертот е насловен „Рокенрол ин џез“ , а ќе се одржи во Филхармонијата.
- ВО ПРЕГОВОРИ СМЕ ЗА ПРОСТОР ЗА РАБОТА НА ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ, ВЕЛИ ЉУТКОВ, КАНЦЕЛАРИИТЕ ПОД ОПЕРАТА УШТЕ НЕ СЕ ГОТОВИ
- ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ УШТЕ НЕ ГО ДОБИ ПРОСТОРОТ ПОД ОПЕРАТА ОТИ ПРВО ТРЕБА ДА СЕ САНИРА ПЛАТОТО КОЕ ПРОТЕКУВА
- ЗАВРШИ ПРВАТА ФАЗА ОД ИЗГРАДБАТА НА СЕДИШТЕТО НА ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ ЗА КОМПЛЕТИРАЊЕ ЌЕ ИМА ПАРИ И СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ
Б. НЕСТОРОСКА



