Министерството за внатрешни работи постапило по барањето на Основниот суд Скопје 1 за лишување од слобода и спроведување во притвор во затворот во Шутка на Сеад Кочан, но осомничениот во случајот „Труст“ на СЈО не бил најден дома и сега МВР чека известување од граничната полиција дали управителот на „Трансмет“ ја напуштил државата, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во МВР.
По одредувањето притвор од 30 дена, Судот денеска им наложи на МВР и Одделот за потраги да го пронајдат и лишат од слобода осомничениот. По добивање на барањето, овластени лица од МВР не го затекнале осомничениот дома, а од членови на семејството им било кажано дека не е дома од вчера.
СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.
Покрај Кочан, осомничен е и Василије Авировиќ, а за него СЈО побара и судијата на претходна постапка одобри мерки на претпазливост.