Володимир Зеленски кажа дека е спремен да одржи избори во Украина во рок од три месеци ако САД и Европа можат да гарантираат безбедност на гласањето.
Избори во воени услови се забранети во Украина, но Зеленски, чиј претседателски мандат истече лани, се наоѓа под нов притисок од Доналд Трамп да распише избори додека притиска за брзо решавање на речиси четиригодишната војна. Владимир Путин исто така го опишува Зеленски како нелегитимен претседател.
„Јас сум спремен за избори, но барам САД да помогнат и заедно со европските сојузници да ја обезбедат безбедноста на изборите. Во тој случај, Украина би била спремна за избори во рок од 60-90 дена“, кажа Зеленски.
Во последното интервју за сајтот „Политико“, Трамп го обвини Зеленски дека ја користи војната како изговор да не одржи избори.
„Тие зборат за демократија, но дојдоа до точка кога тоа веќе не е демократија“, кажа Трамп.
Зеленски и други функционери досега ја отфрлаа идејата за одржување избори кога речиси милион војници се на фронтот и милиони Украинци се раселени, а земјата често е изложена на руски воздушни напади. Исто така, неизвесен е гласачкиот статус на оние Украинци кои живеат на окупираните територии или во близина на фронтот.
Зеленски вчера кажа дека ќе побара од парламентот да подготви предлози за законска регулатива што овозможила избори за време на воена состојба.



