ПРОДОЛЖУВААТ ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА „ПУЛС“, ЕКСДИРЕКТОРИТЕ НА ДЗС ВЕЛАТ ДЕКА НЕМААТ ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОЖАРОТ

    ПРОДОЛЖУВААТ ВОВЕДНИТЕ ЗБОРОВИ НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА „ПУЛС“, ЕКСДИРЕКТОРИТЕ НА ДЗС ВЕЛАТ ДЕКА НЕМААТ ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОЖАРОТНа обвинителна клупа се вкупно 34 лица, сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, Сузана Јошевска-Анастасовска, денеска на судењето за кочанската дискотека „Пулс“ кажа дека обвинението против нејзиниот клиент е правно погрешно и без фактичка поврзаност со трагичниот пожар во кој загинаа 63 лица и над 200 беа повредени. Во воведните зборови, таа рече дека постапката се темели на „попис претворен во обвинителен акт“ и дека „ниту еден системски пропуст не создава индивидуална кривична одговорност“.

    Џаферовски, кој беше директор на ДЗС во периодот 2017-2020 година, рече дека неговата „совест е апсолутно чиста“ и дека верува во „чесноста на правдата и праведноста на судот“.

    Јошевска-Анастасовска смета дека обвинителството бара системска грижа, а не кривична одговорност кај обвинетите како Џаферовски. Таа додаде дека обвинението „ја промашува адресата за кривична одговорност“, посочувајќи дека истрагата „непристрасно не дозволува доказите да водат кон резултатот“, туку резултатот е поставен прв, па потоа се барало како да се состави приказната.

    Според неа, објектот изгорел во 2025 година, а во правна смисла не постоел во времето кога Џаферовски бил на функција, бидејќи бил реконструиран, што го прави нов објект.

    „Што точно требал да преземе Аднан Џаферовски од 2017-2020 година за да спречи пожар во објект кој изгорел во 2025, а настанал во 2024 година?“, праша Јошевска.

    Таа додаде дека наводниот синџир на пропусти е прекинат со реконструкцијата во 2024 година и дека директорот не може да биде обвинет за пропуст без доказ за тоа што пропуштил.

    Претходно, адвокатот Димитар Дангов, бранител на поранешниот директор на ДЗС Шабан Салиу, остро го критикуваше Обвинителството, прашувајќи дали кофата со вода за гаснење на пожарот не била и во рацете на Обвинителството во Кочани и на претставниците на поширокиот државен систем. Тој вели дека болката од трагедијата не смее да биде основа за кривично гонење и дека „правда се гради на факти, не на чувства“.

    Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, како резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

    На обвинителна клупа се вкупно 34 лица, сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници, како и три правни лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира