Главниот благајник (Д. К.) од Одделението за материјално-финансиско работење при Општата болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп е осомничен за проневера на над 15 милиони денари (над 240.000 евра), пари кои биле плаќани на шалтерите во болницата од пациентите за здравствени услуги. Кривичната пријава е поднесена од Управата за финансиска полиција.
Утрово благајникот е лишен од слобода, а јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
Според Упрвата за финансиска полиција, пријавениот во својство на службено лице, вработен на работно место самостоен референт-главен благајник во болницата „Борка Талески“ Прилеп, во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021, со цел да прибави за себе противправна имотна корист, во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата и истите противправно ги присвоил за себе.
Од Обвинитлеството соопштија дека благајникот не изготвил обрасци „каса-прими“ и парите противправно ги присвоил за себе со што прибавил значителна имотна корист во вкупен износ од 15.063.284 денари.
„Тој во 2020 година присвоил парични средства во износ од 6.568.726 денари и за 2021 во износ од 8.494.558 денари, со што го оштетил Буџетот на ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност ‘Борка Талески’ во вкупен износ од 15.063.284 денари“, соопштија од Управата за финансиска полиција.
По насоки на Основно јавно обвинителство Прилеп, утрово службени лица на Управата за финансиска полиција го уапсија пријавеното лице кое е изведено пред судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп.
Пред два месеца за финансиски злоупотреби во Прилепската болница беа упасени повеќе лица, меѓу кои и поранешни раководители на установата, осомничени за злоупотреби со јавни набавки во вредност од 800.000 евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



