Лидерите на Европска Унија постигнаа договор за заем за Украина од 90 милијарди евра без да ги користат замрзнатите руски средства. Договорот, за кој велат дека ќе ги задоволи воените и економските потреби на Украина за следните две години, беше постигнат по повеќе од два дена разговори во Брисел. Унгарија, Чешка и Словачка кажаа дека нема да учествуваат во шемата.
„Се обврзавме и испорачавме“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, објавувајќи го договорот што ќе биде поддржан од буџетот на Унијата.
Володимир Зеленски ги повикуваше лидерите на ЕУ да ги искористат замрзнатите руски средства од 210 милијарди евра, но Белгија, каде што се чува најголемиот дел од овие пари, бараше гаранции за споделување на одговорноста, што беа неприфатливи за други членки. Зеленски го опиша договорот како „значајна поддршка што навистина ја зајакнува нашата отпорност“.
„Важно е руските средства да останат имобилизирани. Ви благодарам за резултатот и единството“, напиша тој на Икс.
Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека лидерите на ЕУ избегнале хаос и поделба со својата одлука да ѝ обезбедат на Украина заем преку заедничко позајмување, наместо да користат замрзнати руски средства.
„Останавме обединети“, додаде Де Вевер.
Без помош од ЕУ, Украина ќе остане без пари за неколку месеци и ќе биде во опасност да ја изгуби војната. ЕУ проценува дека на Украина ѝ се потребни дополнителни 135 милијарди евра за да остане ликвидна во следните две години, а финансиската криза ќе започне во април.
„Со нашата одлука му праќаме јасен сигнал на Владимир Путин“, кажа германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Зеленски вчера изјави дека Украина ќе биде во големи проблеми, а Путин ќе биде охрабрен да ја продолжи војната ако Европската Унија не одобри репарациски заем.



