ПО 15 ГОДИНИ СЕ МЕНУВААТ ПРОГРАМИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, ПРВО НИ ТРЕБА ОПШТ ХИРУРГ ИЛИ ИНТЕРНИСТ, РЕЧЕ АЛИУ

    ПО 15 ГОДИНИ СЕ МЕНУВААТ ПРОГРАМИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА, ПРВО НИ ТРЕБА ОПШТ ХИРУРГ ИЛИ ИНТЕРНИСТ, РЕЧЕ АЛИУД-р Гривчева-Старделова, министерот Алиу и д-р Антовиќ на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Дефинирани се нови програми за специјализација со кои темелно се менува начнот на кој се создава медицинскиот кадар, најавија денеска министерот за здравство Азир Алиу, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје д-р Светозар Антовиќ и претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова.

    „Јас доаѓам од ИТ секторот, каде ако 15 години не го менувате моделот, вие повеќе не подготвувате кадар за иднината. Истото важи и за здравството, ако не ги модернизираме програмите, ќе ја пропуштиме шансата новите методи и технологии да станат дел од секојдневната клиничка пракса“, кажа Алиу.

    Министерот рече дека целта е да добиеме прво лекар со општа специјализација, кој може да одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници, во општите и регионалните болници, во секундарното здравство, таму каде што се најголеми реалните здравствени потреби на граѓаните.

    „Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка, и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи прво стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава“, кажа Алиу.

    Деканот Антовиќ рече дека со години Медицинскот факултет го детектира како проблем тоа што со воведувањето на високоспецијализираните специјализации во 2011 година, резултатите после овие 12-13 години се дека имаме многу високоспецијализиран кадар на места каде нема потреба.

    „Порано имавме специјализации каде што мора да станете општ хирург или општ интернист кој добива лиценца за општ интернист. Тогаш траеја 4 години тие специјализации и тоа ги задоволуваше сите потреби на болниците во секундарното здравство. Додека, оние што работеа на клиниките или во некои од поголемите болници како Градската општа болница (ГОБ)’ 8 Септември’ или Клиниката за хируршки болести ‘Свети Наум Охридски’ имаа потреба од дополнително високоспецијализиран кадар и беа упатувани на супспецијализација, која трае 2 години. Или уште попластично, за да станете специјалист или супспецијалист по нефрологија, ви требаа шест години едукација. Меѓутоа, во внатрешноста навистина не ви се потребни нефрлози, кардолози, не велам дека не се потребни, меѓутоа е многу подобро да располагате со кадар кој е со лиценца за општ интернист или хирург кој може да дава поширок дијапазон на услуги. Некако, супспецијализациите беа проектирани дека треба да бидат во терциерното здравство. И сега еве после таа реформа во 2011 се соочуваме да во голем број на болници ние немаме општи интернисти. Дежура кардиолог кој не може да препишува терапија од другите области“, кажа д-р Антовиќ. .

    Тој рече оти смета дека  треба да се вратат тие општи специјализации.

    „Да се вратат општи специјализации особено на хирургија и на интерна кои ќе ни го понудат она што на нашата држава навистина ѝ е потребно и потоа продолжување на супспецијализација од 2 години кои да речеме би биле наменети за клиничарите. Тоа е најголем дел од оваа реформа што ќе опфати, менување на начинот на тоа како станувате експрет во една област. Бидејќи интерната медицина и хирургијата ни се најболните точки, од таму и ја почнавме целата работа. За сите останати специјалности  нормално во соработка со професорите од соодветните катедри понатаму ќе видиме што ќе се случува“, кажа д-р Антовиќ.

    На новинарско прашање од кога ќе почнат да се применуваат новите програми, Алиу рече дека кога ќе бидат готови програмите и за останатите области.

    Според д-р Гривчева-Старделова, сегашните специјализации по општа интерна и општа хирургија се предолги кога ги споредуваме со супспецијализациите и лекарите избираат да одат директно на супспецијализација.

    „И што се случува во нашата реалност? Ако на Итна служба дежура ендокринолог и дојде пациент со инфаркт, он знае да го истретира, но ако се случи нешто со пациентот, докторот работи надвор од лиценцата за работа што е спротивно на законот. И тука колегите со сиот страв одбиваат да дежураат, бидејќи тие не се соодветни доктори со она што би им го дала интерната медицина. Шест години медицина плус 6 години специјализација плус 2 години супспецијализација е предолго, а тенки сме со кадар“, рече таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира