Нова микробиолошка лабораторија со капацитет за вршење над 20.000 анализи годишно, отвори денеска компанијата „Алкалоид“ АД Скопје. Генералниот директор Живко Мукаетов кажа дека станува збор за инвестиција вредна 3,1 милион евра.
Според Мукаетов, новата инвестиција значи многу за проширување на портфолиото на лекови што ќе овозможи „Алкалоид“ да биде уште поконкурентна, не само во регионот туку и во светот.
„Горди сме на новата инвестиција што ќе ни овозможи да станеме уште поконкурентни, но и Македонија како држава. Со ова ги шириме капацитетите на микробиолошките анализи на суровини, полупроизводи и готови производи. Горди сме што компанијата продолжува со инвестицискиот циклус. Ја завршуваме годината над планираното, со вкупни приходи од над 335 милиони евра и со рекорден консолидиран износ од над 220 милинои евра“, рече Мукаетов.

Новата микробиолошка лабораторија има капацитет за вршење над 20.000 анализи годишно. (Фото: Влада на РСМ)
„Можевме да видиме нешто што го има во најсовремените светски фармацевтски компании и горди сме што ова е македонско. Повеќе од 3 000 вработени ја градат својата иднина тука и во претставништвата на ‘Алкалоид’, а најголемиот дел од портофолиото на оваа компанија или над две третини, е извозно, што влијае врз зголемувањето на БДП и индустриското производство“, рече премиерот Христијан Мицкоски.



