Американската војска зазеде уште еден танкер кој испловил од Венецуела, објави министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, што е втор таков случај овој месец. Потегот уследи откако Доналд Трамп нареди целосна блокада на санкционираните танкери кои влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Венецуела го осуди заземањето како кражба и киднапирање и вети дека тоа нема да помине неказнето.
Операцијата била предводена од американската крајбрежна стража, чиј специјализиран тактички тим се истоварил на бродот додека бил во меѓународните води. Ноем објави седумминутно видео од акцијата, кое покажа како американски хеликоптери се спуштаат на бродот наречен „Сенчурис“.
„САД ќе продолжат да го гонат нелегалното движење на санкционирана нафта, што се користи за финансирање на наркотероризмот во регионот. Ќе ве најдеме и ќе ве запреме“, порача Ноем.
„Сенчурис“ е брод кој плови под панамско знаме, но во изминатите пет години пловел и под знамето на Грција и Либерија. Тој не се наоѓа на листата на санкционирани бродови на американското министерство за финансии.
Во изминатите недели американската војска нападна низа пловила кои наводно превезувале дрога, при што биле убиени околу 100 луѓе. САД го обвинија венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека го води „Картелот на сонцата“, означен како терористичка организација.
„САД ќе продолжат непоколебливо да спроведуваат поморски операции за разбивање на нелегалните криминални мрежи. Насилството, дрогата и хаосот нема да ја контролираат западната хемисфера“, изјави министерот за одбрана Пит Хегсет.



