Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе едногласна одлука Анита Тополова-Исајловска да биде именувана за вршителка на должноста државна јавна обвинителка на Република Северна Македонија.
Таа доаѓа на оваа позиција на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието во истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција. Иако изборот првично требаше да се одржи на 19 декември, седницата беше одложена за денеска со цел одлуката да се донесе во полн состав на Советот.
Членката на Советот, Кети Петкова, кажа дека Тополова-Исајловска претставува професионално и принципиелно решение бидејќи таа веќе десет години во континуитет ја извршува функцијата заменичка-републички јавен обвинител. Таа претходно соработувала со Љупчо Коцевски, како и со неговите претходници Љубомир Јовески и Марко Зврлевски, па Советот оцени дека нејзиното длабоко познавање на работата на обвинителството ќе обезбеди неопходен континуитет во институцијата.
Согласно законските одредби, Тополова-Исајловска ќе ја врши оваа функција до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Поранешниот обвинител Коцевски ја образложи својата оставка со тврдење дека во државата постои очигледно непочитување на принципите на правната држава. Следен чекор во процедурата е Собранието да распише оглас за нов државен јавен обвинител, на кој ќе можат да се пријават кандидати со најмалку десет години работен стаж во областа на кривичното право, по што Владата ќе треба да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати.
Како обвинителка, лани во август Тополова-Исајловска поднела Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд за укинување на решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на поранешното СЈО за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Во нејзиното барање до Врховниот суд се спори дека СЈО е овластен тужител, бидејќи обвинението за „Талир“ било поднесено во ноември 2018 година, а рокот што тимот на Катица Јанева го имаше за поднесување обвиненија од 18 месеци, истекол на 30 јуни 2017 година. Таа се повикува на начелниот став на Врховниот суд од 2019 година, според кој, СЈО можеше да подигне „обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци“. Бара и 106 аудиоснимки и смс-пораки да не бидат докази во предметот.



