Доналд Трамп го именуваше гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, за специјален пратеник за Гренланд, кревајќи го алармот во Данска поради американските претензии кон оваа територија. Откако се врати во Белата куќа, Трамп неколкупати кажа дека Гренланд треба да биде дел од САД од безбедносни причини.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен кажа дека ќе го повика американскиот амбасадор во Данска, велејќи дека е вознемирен од поддршката што Лендри ја дава за плановите на Трамп. Гренландскиот премиер Јенс Фредерик Нилсен повтори дека островот самиот ќе решава за својата иднина.
„Џеф сфаќа колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги унапреди интересите на нашата земја“, кажа Трамп.
Лендри, кој стана гувернер во јануари 2024, изјави дека е почестен со волонтерската улога да го направи Гренланд дел од САД, идеја што Данска и Гренланд постојано ја отфрлаат.
„Длабоко сум вознемирен од ова назначување на специјален пратеник. А, особено сум вознемирен од неговите изјави, кои ги сметаме за целосно неприфатливи“, рече Локе Расмусен, додавајќи дека САД мора да го почитуваат територијалниот интегритет на Данска.
Гренланд, каде што живеат само 57.000 луѓе, од 2009 има право да прогласи независност од Данска. Островот е најкратката рута меѓу Европа и Северна Америка и клучна локација за американскиот систем за балистички проектили.



