Две исклучително сложени микрохируршки операции кои траеја од 6 до 12 часа се извршени на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, соопшти Министерството за здравство. Операциите беа изведени под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, светски експерт во областа на реконструктивната микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Постоперативно, двајцата пациенти се во стабилна и добра општа состојба.
Интервенциите ги работеше мултидисциплинарен тим составен од пластичнитe хирурзи науч.сор. д‑р Бисера Николовска, ас. д‑р Гордана Георгиева, ас. д‑р Благоја Србов, како и специјализантите д‑р Јасмина Добревска, д‑р Елизабета Мјовска, д‑р Викторија Ончева, д-р Емона Кадриу и д-р Сања Петровска. Тимот од анестезиологија е составен од д‑р Мирјана Бурмузовска, анестезиските техничари Марјан Трајановски, Хатиџе Исеини и сестрит инструментарки Анита Петрушевска и Снежана Чукниева.
„Кај еден од пациентите е третиран комплексен дефект на носот по ресекција на тумор. Изведена е целосна тродимензионална реконструкција на носот. Операцијата вклучуваше употреба на ’рскавица за формирање носна структура и слободен кожен резен кој ги обложува овие структури како и подот на носот, со неопходно спојување на крвни садови под микроскоп. Овој вид реконструкција, изведена во еден оперативен чин, е исклучително редок дури и на светско ниво“, вели д-р Николовска, раководителка на Одделот за микрохирургија и реконструктивна хирургија.
Директорката на Клиниката д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска вели дека интервенциите се огромен чекор кон развојот на современата реконструктивна микрохирургија во земјава.



