Лековитата моќ на музиката, композиторот Кирил Македонски ја открил на 7 години кога бил многу болен и се излекувал слушајќи музика. Откако го исполнил албумот со сликички, имал право да избира награда. Од велосипед, рачен часовник и други награди, малиот Кирил избрал грамофон. Подоцна музикотерапијата ја практикувал целиот живот, крунисувајќи ја таа љубов со диплома на престижниот конзерваториум во Аризона, САД.
Грамофонот и овој сегмент од животот се само дел од предметите и податоците што ги содржи Спомен-собата на Кирил Македонски (1925-1964) што синоќа беше отворена во Завод и музеј- Битола по повод 100 години од неговото раѓање во Битола.
Собата ја содржи оставнината на композиторот што на битолскиот Музеј му ја донираше неговата ќерка Пламенка Македонска.
„Ова е посебен ден за нашето семејство зашто желбата на мојот татко искажана во тестментот се претвори во стварност. Во тестаментот имаше една клучна изјава – да не даваме ништо на тогашните институции и поединци додека не дојдат достојни луѓе за таа задача. Кога од Заводот ми го презентираа проектот, во мене нешто проговори дека после 4 децении е дојден тој момент. Собата е одраз на неговата желба да добие свој работен кабинет каде вечно ќе ги презентира неговите дела“, рече Пламенка Македонска.
Собата содржи многу материјали од животот на композиторот, дел изложени во 10 витрини, дел претставени на постери. Има одличен визуелен изглед со постери со клавиши на подот и таванот, а изложени се лични документи и предмети, фотографии, радио, машината за пишување, грамофон, куфери, дипломи, награди, писма, весници, плакати од опери, партитури, објавени и необјавени трудови, цртежи од сценографии за опери. Изложен е клавирот кој му помогнал во компонирањето на првата македонска опера „Гоце“ која прво ја создал само со молив и нотна тетратка во кафеаната „Централ“.
„Пораката што ја пренесуваме до генерациите е секогаш со самопрегор на интензивна работа да го следат својот сон, како што татко ми го правеше тоа“, рече Племенка.
Проектот го спроведе Завод и Музеј од Битола поддржан од Министерството за култура. Раководител и задолжен за дизајнот беше Зоран Николовски, координаторка на проектот д-р Ирена Ружин и ќерка на диригентот и професор по музика Георги Здравев, внук на композиторот Македонски, кој се залагаше делото да се спаси од заборав. Како надворешен музички соработник беше проф. м-р Маја Митровска, наставничка по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола.

Семејството на Кирил Македонски (лево) и Зоран Николовски, раководител на проектот (десно). (Фото: СДК.МК )
„‘Гоце’ првата македонска опера, не е само музика – таа е повик за слобода. Таа беше и моја лична слобода во мигот кога професорот Георги Здравев ми ги подари партитудите и ми го остави аманетот да ја пеам Јана од ‘Гоце’, тогаш започна сѐ. Проучувањето на легатот на Македонски за мене, професионално, беше највисокото достигнување“, рече Митровска.
На отворањето на Спомен-собата имаше уметничка програма, а на неа сите учесници се вклучија волонтерски.
- СПОМЕН-СОБАТА НА КОМПОЗИТОРОТ КИРИЛ МАКЕДОНСКИ ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОТВОРИ ВО ДЕКЕМВРИ, ЕКСПОНАТ Е И КЛАВИРОТ НА КОЈ ЈА КОМПОНИРАЛ ПРВАТА ОПЕРА „ГОЦЕ“
- ОСТАВНИНАТА НА КИРИЛ МАКЕДОНСКИ, КОМПОЗИТОРОТ НА ПРВАТА МАКЕДОНСКА ОПЕРА, ПРЕДАДЕНА ВО ЗАВОД И МУЗЕЈ БИТОЛА
Ж. ЗДРАВКОВСКА





