Влијателниот поранешен премиер на Малезија, Наџиб Разак, е осуден на дополнителни 15 години затвор и казнет со 2,8 милијарди долари за злоупотреба на службена должност и перење пари во најголемото судење за скандалот со мултимилијардерската компанија 1МДБ, пресуда што би можела да има големи политички последици.
Истражителите на Малезија и САД велат дека најмалку 4,5 милијарди долари биле украдени од 1Malaysia Development Berhad (1МДБ), државен фонд што Наџиб го коосновал во 2009 година за време на првата од неговите девет години на власт во земјата.
Наводно, повеќе од 1 милијарда долари се упатиле кон сметки поврзани со 72-годишниот Наџиб, кој првпат бил затворен во 2022 во друг случај на 1МДБ и долго време инсистира дека е жртвено јагне за најголемиот финансиски скандал во Малезија.
За време на пресудата, чие донесување траеше пет часа, судијата на високиот суд Колин Лоренс Секерах рече дека тврдењето на Наџиб оти бил постојано измамен од други во 1МДБ е неверојатно и дека верувањето во тоа би „ја проширило имагинацијата во сферите на чистата фантазија“.
Пресудата би можела да поттикне дополнителни тензии во владината алијанса на премиерот Анвар Ибрахим, која ја вклучува некогаш доминантната партија Обединета малајска национална организација (УМНО), врз која Наџиб задржа значително влијание дури и од затвор.



