КАЗНЕТ СО 100 ЕВРА БИДЕЈЌИ Е МИКРО ТРГОВЕЦ ЛОКАЛОТ ВО КАВАДАРЦИ КАДЕ ЗА НАСТАПОТ НА АЦА ЛУКАС ИМАЛО ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ ГОСТИ ОД ДОЗВОЛЕНОТО

    КАЗНЕТ СО 100 ЕВРА БИДЕЈЌИ Е МИКРО ТРГОВЕЦ ЛОКАЛОТ ВО КАВАДАРЦИ КАДЕ ЗА НАСТАПОТ НА АЦА ЛУКАС ИМАЛО ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ ГОСТИ ОД ДОЗВОЛЕНОТОСпоред законот, за ваков прекршок - вршење угостителска дејност без исполнување на минимално-техничките услови, што во овој случај се однесува на надминување на дозволениот број гости - предвидена е казна од 100 до 300 евра за микро трговец. (Фото: Принтскирн од видео на Инстаграм)

    Локалот во Кавадарци во кој на 22 ноември настапуваше Аца Лукас е казнет со парична глоба од 100 евра, иста казна добило и одговорното лице, поради тоа што во објектот имало трипати повеќе гости од дозволениот број во моментот на инспекциската контрола на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Според законот, за ваков прекршок – вршење угостителска дејност без исполнување на минимално-техничките услови, што во овој случај се однесува на надминување на дозволениот број гости – предвидена е казна од 100 до 300 евра за микро трговец. Бидејќи глобите биле платени навреме, износот е намален на законскиот минимум.

    Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, тогаш изјави дека во локал кој е регистриран за 200 лица, биле присутни околу 700 гости.

    „Нема да дозволиме Кочани-сценарио. Безбедноста е прва”, рече тогаш Јанчев.

    По прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК до ДПИ дали е утврдено присуство на поголем број гости од дозволеното и дали и колкава казна е изречена, инспекторатот потврди дека е изречена прекршочна санкција.

    „Согласно член 69 став 1 точка 1 и став 5 од Законот за угостителска дејност, издадени се прекршочни платни налози за правното лице во износ од 100 евра и за одговорното лице во износ од 100 евра. Истите се платени во законски предвидениот рок“, ни одговорија од ДПИ по речиси едномесечна преписка.

    Од ДПИ дополнително кажаа дека за истиот објект бил издаден и платен прекршочен налог и по Законот за заштита од пушење, исто така во законскиот рок.

    Претходно, на 23 ноември, СВР Велес соопшти дека при контролата во угостителскиот објект биле констатирани и други прекршоци – од УЈП за неиздавање фискална сметка, како и прекршок по Законот за пушење, додека ДПИ утврдил присуство на поголем број гости од дозволениот капацитет.

    Сопственикот на угостителскиот објект, ден по настанот, на својот фејсбук профил наведе дека бројката од 700 гости била паушална и неточна, тврдејќи дека присуствувале околу 400 гости, кои, според него, биле уредно пријавени и со обезбедени услови.

    И самиот пејач Аца Лукас беше парично казнет со 50 евра од Основниот суд во Кавадарци, по прекршочна пријава од МВР согласно Законот за странци, бидејќи престојувал и работел без соодветна работна дозвола. Тој пред судот изјавил дека обврската за дозвола била на правното лице, а не негова лична.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира