Системот за автопилот презел авион во САД и извршил итно слетување целосно автономно, што е прв таков забележан случај.
Интервенцијата се случила откако двомоторниот турбопропелер „бичкрафт супер кинг ер“ одеднаш го изгубил притисокот во кабината додека летал над Колорадо. Потоа системот за автоматско слетување (автоленд) на „Гармин“ ја презел контролата, управувал со авионот, комуницирал со контролорите на летање и направил безбедно слетување на аеродром во близина на Денвер.
„Ова беше прва употреба на автоленд од почеток до крај во вистинска вонредна состојба“, соопшти „Гармин“.
Различни форми на автоленд рутински се користат за слетување авиони во тешки временски услови кога видливоста е слаба, но не и за време на вонредни состојби. Системот на „Гармин“ е дел од новата линија системи автоленд наменети само за итни ситуации и е дизајниран да преземе целосна контрола врз авионот при слетување во ситуации кога пилотот не е во можност да лета, според производителот.
„Во овој случај, автоматското слетување беше автоматски активирано бидејќи притисокот во кабината ги надмина пропишаните безбедни нивоа откако авионот доживеа брзо, неконтролирано губење на притисок. Пилотите ги ставија маските за кислород, а потоа донесоа одлука да го остават системот вклучен“, изјави Крис Таунсли, извршниот директор на операторот на авионот „Бафало ривер авиејшн“.
Во авионот немало патници, туку само двајцата пилоти. Системот автоленд самиот избрал каде да слета врз основа на критериуми како растојанието и должината на пистата и ја соопштил својата намера на контролата на земјата.



