Режисерот Игор Алексов вчера почна да снима неговиот втор долгометражен игран филм, „Голиот рид“, по сценарио на Гоце Цветановски. Продукцијата е на „Сити стар“, од каде велат сѐ уште нема да ја соопштат актерската и филмска екипа. Продуцент е Богдан Јончевски.
„’Голиот рид’ е трилер кој акцентот го става на напнатата атмосфера, психолошката длабочина на ликовите и современиот визуелен пристап. Филмот се реализира со домашна екипа и актерска постава, а снимањето ќе се одвива на повеќе локации низ Македонија. Проектот претставува уште еден значаен чекор во развојот на македонската филмска продукција и во афирмацијата на жанровскиот филм“, вели продукцијата за филмот, кој според фотографиите, се снима на локации во Охрид.
„Голиот рид“ на Алексов доби 15 милиони денари (околу 245 илјади евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм во втор рок на одлучување за 2021 година.
Алексов претходно го сними филмот „Лена и Владимир“, чија премиера беше во септември 2023 на затворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и од октомври играше в кино, а освои и фестивалски награди. Овој филм беше поддржан од Агенцијата за филм на Конкурсот во 2016 со 250.000 евра.
Б. НЕСТОРОСКА



