ИГОР АЛЕКСОВ И САБЕДИН АЛИ ДОБИЈА ПО 245 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЗА ДЕБИТАНТСКИТЕ ПРОЕКТИ

    ИГОР АЛЕКСОВ И САБЕДИН АЛИ ДОБИЈА ПО 245 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ ЗА ДЕБИТАНТСКИТЕ ПРОЕКТИАлексов ќе го снима филмот „Тајната на голиот рид“ по сценарио на Гоце Цветановски. (Фото: Фејсбук)

    Режисерите Игор Алексов и Сабедин Али добија по 15 милиони денари (околу 245 илјади евра) за снимање на своите дебитантски долгометражни филмови, на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен, краткометражен, документарен и анимиран филм (втор рок на одлучување)  на Агенцијата за филм.

    Алексов ќе го снима филмот „Тајната на голиот рид“ по сценарио на Гоце Цветановски, во продукција на „Сити стар продукција“, а Али ќе го работи „Паркот“ во продукција на „Визиони плус“, според сценариото на Хакив Мулику. Нивните филмови се поддржани во категоријата долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел-дебитанти.

    Филмот на Јанес Бургер „Набљудување“ со македонскиот копродуцент „Кавал филм“ доби 3.5 милиони денари (околу 57 илјади евра) во категоријата долгометражни играни филмови со македонски малцински удел.

    Долгометражен документарец  за 75 години „Вардар филм“ ќе снима режисерот и професор Владимир Блажевски за 2.5 милиони денари (околу 40 илјади евра).

    Агенцијата соопшти дека на Конкурсот аплицирале вкупно 53 проекти (играни, документарни и анимирани), од кои 35 долгометражни и 18 краткометражни.

    Ќе се снимаат и шест краткометражни проекти од кои 4 играни филмови, 1 документарен и 1 анимиран филм. Вкупниот буџет за поддршка на овие проекти изнесува 50.550.00о,00 денари (околу 826 илјади евра).

    „Управниот одбор го пролонгираше рокот за аплицирање на овој конкурс со цел да даде доволно време за одлучување и запазување на сите процедури при изборот на најдобрите филмски проекти од кои очекуваме успешна реализација. Верувам дека сите 13 проекти кои ги поддржува Агенцијата во овој Конкурс (втор рок на одлучување) ќе бидат еднакво квалитетни, како во последните четири години и со тоа ќе ги продолжиме големите успеси на македонската кинематографија“, вели Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира