По дискусијата на Комисијата за јавни и комунални дејности дека јавниот превоз во Битола е нефункционален, на денешната седница на Советот советникот од ЛДП Димитар Кузмановски предложи градоначалникот Коњановски да упати барање до Владата за набавка на 20 електрични автобуси за Битола.
„Го слушавме премиерот како најавува 100 електрични автобуси за Скопје. Кога може Скопје да добие 100 електрични автобуси, зошто Битола да не добие барем 20 и еднаш засекогаш да го решиме проблемот со превозот, што речиси и го нема. Бидејќи во буџетот никаде не е наведено дека ќе инвестираме во јавното претпријатие, не ни останува друго освен да побараме помош од Владата”, рече Кузмановски.
Тој предложи автобусите да бидат во сопственост на новото јавно претпријатие „Пелалинк“ и да се користат за редовен еколошки превоз во Битола. Смета дека на овој начин ќе се надмине проблемот со нередовните линии и со недостигот на превоз во недела и празници.
Предлогот на Кузмановски беше отфрлен од мнозинството во Советот: 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ гласаа „против“. „за“ беа 10 советници од Поинаку, СДСМ, ЛДП и ДУИ, а советникот од Грин беше воздржан.
На седницата на Комисијата за јавни и комунални дејности одржана на 25 декември, од општинската администрација признаа дека има проблем со јавниот превоз што го вршат приватни превозници, дека не се вози до одредени дестинации иако се предвидени и дека некои превозници не ги почитуваат саатницата и бројот на превозни средства. Беше кажано дека се потребни дури три записници месечно со констатирани неправилности за да им биде раскинат договорот, а на терен, по еден направен записник се подобрувале во работата до извесен период, но се појавувал сличен случај со друг превозник.
Градоначалникот Тони Коњановски, подоцна на седницата, одговарајќи на советнички прашања рече дека Владата е информирана дека на Битола ѝ требаат електрични автобуси и има ветување дека ќе ги добијат.
„Но, првиот повик пропадна и во тек е ако не се лажам, на владино ниво набавка на нови 120 автобуси, од кои 80 би биле за Скопје, а 40 за другите градови кои имаат организиран транспорт. Битола ќе добие такви автобуси. Еден чини меѓу 400.000 и 500.000 евра. Да видиме колку и какви ќе добиеме. Но, за нив треба и паркинг простори и адекватни полначи кои бараат посебен капацитет. Работриме на тие прашања, но да не очекува некој дека утре ќе се решат“, рече Коњановски.
Дел од превозниците порано имаа изјавено дека ги исполнуваат обврските најефикасно што можат, користејќи ги комплетно своите ресурси, во услови на зголемени цени за горивото и неисплатливост на одредени линии.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



