МНОЗИНСТВОТО ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ НЕ ПРИФАТИ ОПШТИНАТА ДА ОДВОИ ПАРИ ЗА БЕСПЛАТНИ ВЛОШКИ ЗА СРЕДНОШКОЛКИТЕ

    МНОЗИНСТВОТО ВО БИТОЛСКИОТ СОВЕТ НЕ ПРИФАТИ ОПШТИНАТА ДА ОДВОИ ПАРИ ЗА БЕСПЛАТНИ ВЛОШКИ ЗА СРЕДНОШКОЛКИТЕСпоред истражувањето на Организаација на жени од Битола утврдено е дека 105 ученички кои потекнуваат од семејства со социјален ризик не се во можност да обезбедат основни менструални хигиенски производи. (Фото: СДК.МК)

    Мнозинството во битолскиот Совет не го прифати предлогот на Левица од Буџетот за 2026 година да се издвојат 3 милиони денари (околу 50.000 евра) за обезбедување основни менструални производи за средношколките од Битола. Амандманот го поднесе советникот Горан Велевски, повикувајќи се на истражувањето спроведено од Организацијата на жени од Битола.

    „Според истражувањето на Организаација на жени од Битола, утврдено е дека 105 ученички кои потекнуваат од семејства со социјален ризик не се во можност да обезбедат основни менструални хигиенски производи. Предлагам да се издвојат 3 милиони денари за бесплатни менструални производи за ученичките од средните училишта“, предложи Велевски.

    Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ДУИ кои имаат вкупно 18 советници гласаа „воздржано“ поради што амандманот беше отфрлен. „За“ гласаа 10 советници од Левица, Поинаку, СДСМ и ЛДП.

    Резултатите од истражувањето на Организацијата на жени САКАМДАКАЖАМ.МК ги објави на 29 октомври. Во истражувањето кое Организацијата го спроведе во партнерство со „Саншајн кидс“ Кичево, во рамки на проектот „За менструална правда“ финансиран од ЕУ, дојдоа до податок дека во Битола има вкупно 1.856 ученички во средните училишта, од кои 158 од семејства со социјален ризик што е 8,5 отсто од средношколките. Со анкетните прашалници беа опфатени 300 ученички од кои 105 одговориле дека не се во можност да набават менструални влошки.

    „Тоа води до изостанување од училиште и социјална изолација, а отсуствата не се оправдани. Во анкетните прашалници ученичките го потврдуваат тоа, а и во разговор со професорите ни беше кажано дека им е забрането да им ги оправдуваат отсуствата поради менструација“, рече координаторката на проектот Светлана Папачек.

    Кога го започна проектот  во јануари 2025, Организацијата на жени во Битола констатира дека има училиштата каде недостига тоалетна хартија, нема диспанзери за менструални производи и нема услови за менструална хигиена. Во семејствата каде во просек има барем две жени, потребни се 840 денари месечно за менструални производи. Затоа, во септември годинава поставија три диспанзери со менструални влошки и влажни шамивчиња во тоалетите на едно од битолските училиштa. Диспанзерот и производите ги снабдија преку Граѓанскиот ресурсен центар и приватна донација.

    Жената во Македонија во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка, покажаа резултатите од студијата за пристапот до менструална хигиена во Македонија насловена „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, објавена во 2021.

    Во Законот за здравствена заштита во Македонија нема специфична програма за менструални производи. Во Шкотска има Закон за бесплатен пристап до менструални производи од 2020 година. Во Тајван од 2023 година добиваат менструални производи или купони за набавка. Во Шпанија имааат три слободни дена за болен менструален циклус. Во Чешка од 2026 сите училишта ќе обезбедуваат менструални производи.

    Во септември 2023, Собранието во Македонија ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи (влошки, тампони, чашичка и слични производи).

    Во Град Скопје последниве четири години Советот изгласува ставка во градскиот буџет (во 2023 беа одобрени 65.000 евра) за да се обезбедат бесплатни менструални производи на средношколките, но тоа ниедна година не се спроведе.

    Во истражувањето „Менструална правда“ од „Тиииит Инк.“ и „Реактор“,  во Македонија беше забележала фрапантна бројка дека 43% од ученички отсуствувале од училиште поради менструацијата. Речиси секоја трета учесничка во истражувањето одговорила дека барем еднаш во животот немала пари да купи влошки и импровизирала.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира