Две лица за време на новогодишната ноќ завршиле во прилепската болница, едното поради повреда на раката од огнено оружје, а другото поради вдишување чад од пожар што избувнал во неговиот дом.
Од СВР Битола соопштија дека три часа по полноќ, во болницата „Борка Талески“ во Прилеп бил донесен Н.Н. (52) од Скопје со повреда на раката од огнено оружје. Настанот се случил во Македонски Брод, а со возило на Итната медицинска помош повреденото лице било пренесено во болницата.
Полицијата работи на расчистување на случајот.
Во болницата бил пренесен и С.П. (61) од Прилеп, во чија куќа на улицата „Павел Шатев“, на 31 декември настанал пожар при што бил опожарен еден кат од објектот. Сопственикот, поради вдишување чад, завршил во болница, а други повредени лица нема.
Дваесет минути по полноќ настанал уште еден пожар во дворно место на улицата „Бранко Радичевиќ“ во Битола, при што целосно изгорел мотоцикл, сопственост на Ј.В. (60) од Битола, а зафатени биле и дрва за огрев. Други повредени лица нема.
Полицијата по полноќ на Широк Сокак во Битола затекнала и двајца 14-годишни малолетници со околу 100 парчиња пиротехнички средства. Полициските службеници им ги одзеле петардите и по целосно документирање на настанот, против малолетниците ќе следува соодветна пријава.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



