Родителите во Штип од први јануари плаќаат повисок месечен надоместок за престој на децата во градинките. Со одлука на Советот на Општина Штип, цената е зголемена од досегашните 1.490 на 2.000 денари, што претставува пораст од 34 проценти.
Во двете штипски градинки, „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“, кои располагаат со по пет објекти, моментално се згрижени околу 1.500 деца, а капацитетите се целосно пополнети.
Директорот на градинката „Астибо“, Илија Митров, вели дека зголемувањето е резултат на енормно пораснатите трошоци за храна, затоплување и одржување.
„Зголемувањето од 500 денари е минимално со оглед на трошоците. Иако партиципацијата на родителите расте, тие и понатаму покриваат само 25 отсто од вкупните трошоци, додека преостанатите 75 проценти се на товар на државата“, вели Митров.
Директорката на „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова, нагласи дека оваа корекција нема да ги погоди сите семејства. Од плаќање партиципација остануваат целосно ослободени: децата од ранливи категории, децата од социјално загрозени семејства и децата со ретки болести.
Одлуката за поскапување наиде на отпор кај опозициските советници за време на последната седница на Советот. Советникот Ангеле Михајловски од Левица кажа дека ова е сериозен удар врз стандардот на работниците.
Управните одбори на градинките сега имаат обврска да изготват нови правилници. Со нив ќе се регулира и надоместокот за децата кои се отсутни, а за кои досега се плаќаше паушал од 520 денари за да се задржи нивното место во групата.
Општината образложи дека зголемувањето доаѓа и како препорака од Владата, поради глобалната економска криза и растот на трошоците за живот и платите во јавниот сектор.
Т. ЈОВАНОВСКИ



