МАДУРО ПРИСТИГНА ВО ПРИТВОРОТ ВО ЊУЈОРК ОТКАКО АМЕРИКАНСКИТЕ СИЛИ ГО ЗАРОБИЈА ВО КАРАКАС

    МАДУРО ПРИСТИГНА ВО ПРИТВОРОТ ВО ЊУЈОРК ОТКАКО АМЕРИКАНСКИТЕ СИЛИ ГО ЗАРОБИЈА ВО КАРАКАСМадуро утре треба да се појави во судот во Менхетн за да се соочи со федералните обвиненија (Фото: ЕФЕ)

    Венецуелскиот претседател Николас Мадуро пристигна во притвор во Њујорк по вчерашната молневита акција на американската војска за негово заробување во Каракас, по која Доналд Трамп кажа дека САД привремено ќе ја водат земјата и ќе ги преземат нејзините огромни нафтени резерви.

    По акцијата во која беше исклучена струјата во дел од Каракас и беа нападнати воени објекти, Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа префрлени со брод и авион во САД, каде што ќе им се суди. Авионот со Мадуро слета во близина на Њујорк во саботата навечер, по што тој беше превезен со хеликоптер до градот и однесен со голем конвој во притвор во Бруклин под силно полициско обезбедување. Мадуро утре треба да се појави во судот во Менхетн за да се соочи со федералните обвиненија, вклучувајќи заговор за нарко-тероризам.

    Ќе ја водиме земјата сè додека не направиме безбедна, правилна и разумна транзиција. Ако биде потребно, САД ќе изведат втор, многу поголем напад врз Венецуела. Венецуелскиот народ е повторно слободен, а Америка е побезбедна и погорда нација денес“, рече Трамп на вчерашната прес-конференција во Флорида.

    Во меѓувреме во Каракас, Врховниот суд ја прогласи потпретседателката Делси Родригес за привремена претседателка на Венецуела.

    Некои правни експерти ја доведоа во прашање легалноста на операцијата за заробување на Мадуро, додека демократите, кои рекоа дека биле заведени на неодамнешните брифинзи на Конгресот, побараа план за тоа што следува.

    Трамп рече дека како дел од преземањето, големите американски нафтени компании ќе се вратат во Венецуела, која има најголеми резерви на нафта во светот и ќе ја обноват деградираната нафтена инфраструктура, што според експертите може да трае со години. Тој рече дека е отворен за испраќање американски сили во Венецуела.

    Трамп ветуваше дека САД ќе почнат копнени операции во Венецуела откако американската војска во изминатите месеци напаѓаше бродови кои наводно превезуваат дрога и значително го засили своето присуство во Карибите, вршејќи огромен притисок врз Мадуро. Акцијата за негово фаќање се подготвувала со месеци, при што ЦИА имала извор во самата влада на Венецуела. Трамп изјави дека во акцијата не загинал ниеден американски војник и не било изгубено ниедно парче воена опрема.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира