Во Македонија дневно питачат повеќе од 2.000 деца, го минуваат денот на улица а во Скопје стотина деца се по крстосниците од булеварите. Ова го покажуваат податоците на граѓанската организација „Градиме иднина“. За овие четири години работа на организацијата, 145 деца од улица се отстранети и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства.
„Нашите истражувања покажаа дека секојдневно во градовите на Македонија питачат две илјади деца, а 18.500 деца не се во школска клупа или во градинка. Голем е бројот на деца кои немаат здравствено осигурување, немаат извод од матична книга на родени, 236 деца живеат под небо, без дом, а 25 деца се евидентирани како жртви на сексуални услуги“, рече Илија Јовановиќ, претседателот на организација „Градиме иднина“.
Министерството за внатрешни работи поднело 246 кривични пријави на територијата на Македонија за питачење и трговија со деца.
„Ќе се бориме сѐ додека и последното дете не замине од улица. Секоја локална власт е должна да издвои средства за дневен центар за децата од улица. Тој во Шуто Оризари постои, но тешко функционира без средства. Потребни се 15 до 20 такви центри низ Македонија, но со стручни лица кои ќе работат со децата од улица кои питачат“, вели Јовановиќ.
Истражувањето и контактите со овие деца покажале дека лицата кои ги тераат на питачење ги принудуваат на користење опијати за да можат да просат на ниски температури, на ладно и отворено или доцна навечер. Бројките до кои дошле од здружението се дека 85 деца биле зависници од дрога преку дување лепак, осумгодишно дете користи хероин, три мали деца починале од зависност, а три машки деца биле сексуално злоуптребувани.
„Децата работат во три смени, од 10 до 15 часот, втора од 15 до 22 часот и трета од 22 до четири часот. Едно дете од питачење заработува до 3.000-4.000 денари во Скопје, додека во другите градови е помалку. Од тие пари детото добива до 50 денари, а другите пари ги земаат родителите или шефови на групата. Децата се пренесуваат од град во град за да питачат. Така од Велес беа носени во Охрид и Струга за празниците“, кажа Јовановиќ.
П. ПЕЧКОВ



