Врнежите од дожд кои паднаа во текот на ноќта и утрово, поплавија делови од Буковските гробишта во Битола. Битолчани кои утрово беа таму, велат дека гробиштата „пливале“ во вода.
„По патот течеше река, просторот околу гробните места беше полн со вода, требаше да газиме во бари до глуждови за да стигнеме до гробовите на блиските. Водата надоаѓаше од Тумбе Кафе, па се слеваше преку Српските гробишта до Буковските, а потоа низ улицата до старата фабрика ’Прогрес‘“, велат битолчани.
Миле Шарковски, кој живее на улицата под гробиштата, вели дека водата им се слева по дворовите и визбите, па биле принудени да постават и пумпи за исцрпување.
Горан Степановски, директор на јавното претпријатие „Комуналец“, под чија надлежност се гробиштата, рече дека состојбата е предизвикана од големата количина наврнат дожд, но дека поплавувањето било минимално.
„Штом се повлече водата, повторно ќе се исчистат каналите кои и претходно беа исчистени, но имаше екстремни врнежи“, рече Степановски.
Битолскиот регион веќе неколку дена се соочува со поплави од интензивните врнежи од дожд, а комуналните претпријатија со механизација се излезени на терен. Имаше поплавени улици, а со излевањето на дел од реките во пограничните села, под вода се и земјоделски површини.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



