ЗДРАВСТВЕНИTE РАБОТНИЦИ И СТУДЕНТИTE ПО МЕДИЦИНА И СТОМАТОЛОГИЈА МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЗА БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ ХЕПАТИТИС Б

    ЗДРАВСТВЕНИTE РАБОТНИЦИ И СТУДЕНТИTE ПО МЕДИЦИНА И СТОМАТОЛОГИЈА МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВАТ ЗА БЕСПЛАТНИ ВАКЦИНИ ПРОТИВ ХЕПАТИТИС БДиректорката на ИЈЗ д-р Марија Андоновска и министерот за здравство Азир Алиу денеска потпишаа договори за донација на 7.500 вакцини, со кои ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. (Фото: К. Попов)

    Здравствените работници и студентите на медицина и стоматологија ќе може да се пријават и бесплатно да се вакцинираат со вакцина против хепатитис Б, кои Министерството за здравство му ги донираше на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институтот д-р Марија Андоновска денеска потпишаа договори за донација на 7.500 вакцини, со кои ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници. Министерството донира и кутии за авионски и бродски транспорт на биолошки материјали. Вкупната вредност на донацијата е 123.450 илјади долари.

    „Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од ‘Проџект ХОУП’ (Project HOPE) – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош“, кажа Алиу.

    Д-р Андоновска рече дека некои од здравствените работници што не биле опфатени со задолжителната вакцинација морале самите да ја плаќаат вакцината по 6.000 денари комерцијално, а сега имаат можност бесплатно да ја примат и да се заштитат.

    „Поради континуирана професионална изложеност на крв и телесни течности, здравствените работници претставуваат категорија со зголемен ризик за инфекции од вирусот на хепатитис Б. Во државата вакцината е задолжителна, но воведена е во 2004 година, постојат генерации што не се опфатени со оваа задолжителна имунизација, но исто така постои и категорија, особено здравствените работници, студентите, кои секојдневно се изложени на ризици. Вакцинацијата за здравствените работници и за студентите е суштинска поради ризикот од заболувањата на црниот дроб предизвикани од вирусот што се пренесува со контакт со инфицирана крв и други телесни течности, вклучително и при повреда со остри медицински предмети“, рече таа.

    Според податоци од Светската здравствена организација (СЗО), на светско ниво речиси 254 милиони луѓе живеат со хронична инфекција на хепатитис Б, а годишно се регистрираат приближно 1,1 милион смртни случаи.

    Процесот ќе биде едноставен, подготвен е електронски модул преку кој здравствените работници ќе се пријавуваат на веб-страницата на Министерството и на Институтот наредните десет дена. Вакцинацијата ќе се спроведе во Институтот за јавно здравје и во центрите за јавно здравје во државата. Министерството донира и кутии за транспорт на биолошки материјали во вредност од 2.000 долари.

    Според последните податоци од 2024, опфатот на вакцинирани е 91,3 процент, но, како што одговори на новинарските прашања, понизок е опфатот на вакцинирани родени пред воведувањето на задолжителната вакцинација.

    „Кај нас постои таканаречен ризик од резидуум од хепатитис Б, особено кај невакцинираните возрасни групи, што ја засилува смислата на раното вакцинирање“, кажа Андоновска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира