НА 108 ГОДИНИ ВО САД ПОЧИНА НАЈСТАРАТА БИТОЛСКА ЕВРЕЈКА РЕЈЧЕЛ НАХМИЈАС, КОЈА ГО ПРЕЖИВЕА ХОЛОКАУСТОТ

    НА 108 ГОДИНИ ВО САД ПОЧИНА НАЈСТАРАТА БИТОЛСКА ЕВРЕЈКА РЕЈЧЕЛ НАХМИЈАС, КОЈА ГО ПРЕЖИВЕА ХОЛОКАУСТОТРејчел Лахмијас е роднина на американската ладино-пејачка Сара Ароести со битолско потекло. (Фото: Фејсбук)

    На 108-годишна возраст во Бостон, САД, почина Рејчел Нахмијас, најстарата Еврејка од Битола која го преживеа Холокаустот. Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината роднина, познатата американска ладино-пејачка Сара Ароести, која исто така има битолско потекло.

    „Како единствена преживеана од своето семејство по Холокаустот и една од само два процента Евреи кои преживеале од нејзиниот град, Битола (Манастир), таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Таа отсекогаш беше примарна сила зад мојата работа – и во Македонија и поблиску до дома“, соопшти Ароести.

    Рејчел Нахмијас е родена во 1917 во Битола и со семејството живеела во куќа на Широк Сокак, каде денес се наоѓа пицеријата „Равена“ и каде е сместена Регионалната канцеларија на синдикатите на Македонија. Таа успеала да ја преживее депортацијата во нацистичките концентрациони логори во 1943 година, сокриена во багажникот од автомобилот на албанскиот конзул во Битола.

    „Ден пред депортацијата, албанскиот конзул, кој живеел во куќата на семејството Нахмијас кое претходно било иселено, дознал дека ќе се земат работоспособни мажи и жени, па ја известил Рејчел дека е во опасност и дека можат да ја спасат. Ја пикнал во багажникот од својот автомобил и на тој начин албанскиот конзул ја спасил, додека останатите членови од семејството завршиле во Треблинка. Преживеал и нејзиниот брат Жак, кој заминал на школување во Италија и бил вклучен во отпорот на партизаните“, кажа Ароести а за САКАМДАКАЖАМ.МК во 2018, кога ја посети куќата во која некогаш живееле нејзините роднини во Битола.

    За време на депортацијата, Рејчел имала 26 години и спасувачите ја однеле во Албанија, каде ја поминала војната. Потоа заминала за Америка, каде живееше до својата смрт.

    Сара Ароести добар дел од своето музичко творештво го има посветено на Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира