ЧЕТИРИ ПРЕТСТАВИ ЌЕ ИГРААТ НА ДЕНОВИТЕ НА НЕЗАВИСНА СЦЕНА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ОД 14 ДО 17 ЈАНУАРИ

    ЧЕТИРИ ПРЕТСТАВИ ЌЕ ИГРААТ НА ДЕНОВИТЕ НА НЕЗАВИСНА СЦЕНА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ОД 14 ДО 17 ЈАНУАРИНа 15 јануари во 20 часот ќе игра претставата „Делириум тременс“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. (Фото: Драмски театар)

    Четири претстави ќе се изведат на Деновите на претстави од независна продукција, кои од 14 до 17 јануари ќе се одржуваат во Драмскиот театар во Скопје. Драмскиот театар втора година по ред ја отстапува сцената во овој период за неависната продукција.

    На Големата сцена „Ристо Стефановски“ и на Малата сцена ќе се играат претставите „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, „Делириум тременс“ (Delirium tremens) на „Театарска работилница“ од Прилеп, „Кротка“ во продукција на  Центарот за култура „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.

    На 14 јануари во 20 часот е најавена кореодрамата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје. Режисер е Војо Цветановски, а играат Енџи Николовска и Бојан Лазаров.

    На 15 јануари во 20 часот е претставата „Делириум тременс“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер на претставата е Игор Трпчески, автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се на Бојана Артиновска.  Играат: гор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски.

    На 16 јануари е претставата „Кротка“ работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов, режисерката Микица Илова и актерот Сашко Орешков.

    Деновите на претстави од независната продукција на 17 јануари ќе ги заокружи „Златен Елец“ од Скопје со претставата „Сина сенка“. Режисерка е Тамара Стојаноска, текстот е на Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик е на Сашо Огненовски, а играат Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, а изборот на музиката и новите аранжмани се на  Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.

    Билетите се по 500 денари за претстава.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира