Министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд ќе се сретнат со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс денеска во Белата куќа по неколку недели закани од Доналд Трамп дека ќе ја преземе полуавтономната данска територија сместена меѓу Северна Америка и Арктик. Трамп смета дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност на САД, кои сакаат да спречат негова идна окупација од Кина или Русија.
Гренланд и Данска велат дека островот не е на продажба и дека безбедносните грижи треба да се решат помеѓу сојузниците. Ова уште еднаш ќе биде нагласено кога данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговиот гренландски колега Вивијан Моцфелт ќе се сретнат со висока американска делегација, која првично требаше да ја предводи државниот секретар Марко Рубио, но потоа и Венс се уфрли на средбата и ќе биде нејзин домаќин во Белата куќа.
„Го избираме Гренланд каков што го знаеме денес, како дел од Кралството Данска“, изјави Моцфелт пред посетата.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен ја опиша ситуацијата како геополитичка криза и ја отфрли можноста за присоединување кон САД, велејќи дека избираат да бидат дел од Данска. Запрашан да ги коментира ваквите изјави на Нилсен, Трамп кажа:
„Тоа е нивни проблем. Јас не се согласувам со нив. Не знам кој е тој, не знам ништо за него, но тоа ќе биде голем проблем за него“.
Белата куќа дискутирала за разни планови за преземање на Гренланд, што вклучува употреба на сила и парични исплати за жителите. Данската премиерка Мете Фредериксен призна дека најтешкиот дел во спорот околу Гренланд можеби допрва следува.



