Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната лидерска средба во кажа дека сите присутни се согласиле оти техничката влада треба да се укине. На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Мицкоски рече дека го прифаќаат барањето на СДСМ техничка влада да има за следните парламентарни избори, но после тоа смета дека повеќе не треба да постои.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски и кажа категорично „не“ на прашањето дали ќе има предвремени избори.
На лидерската средба се разговарало и за Законот за прекршоци кој треба да се усвои во Собранието, за да може од 1 февруари да стартува проектот „Безбеден град“ за кој е потребно двотретинско, а не бадентерово мнозинство. Мицкоски кажа дека сите присутни рекле оти ќе го поддржат овој закон.
„„Зборувавме за изборот на Народниот правобранител, мислам дека тука ќе бараме одредени креативни решенија и коишто треба деновиве да се случат. Зборувавме во делот и на Изборниот законик, бројот на изборни единици, начинот на гласање на дијаспората, во делот на економските прашања се отворија исто така некои од темите, така што ја ценам оваа средба како еден нов начин и нов пристап на решавање проблеми, а не генерирање на проблеми“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



