ЕВРОПСКИ ТРУПИ ПОЧНАА ДА ПРИСТИГНУВААТ НА ГРЕНЛАНД, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА САМО САД МОЖАТ ДА ГО ОДБРАНАТ ОД РУСИЈА И КИНА

    ЕВРОПСКИ ТРУПИ ПОЧНАА ДА ПРИСТИГНУВААТ НА ГРЕНЛАНД, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА САМО САД МОЖАТ ДА ГО ОДБРАНАТ ОД РУСИЈА И КИНАДанска вели дека е потребно да се воспостави попостојано воено присуство на Гренланд (Фото: ДПА)

    Војници од Франција, Германија, Шведска и Норвешка почнаа да пристигнуваат на Гренланд за да помогнат во зајакнувањето на безбедноста на островот, откако разговорите помеѓу САД, Данска и Гренланд го нагласија „фундаменталното несогласување“ помеѓу владата на Трамп и европските сојузници.

    „Првите француски воени елементи се на пат, други ќе следат“, изјави претседателот Емануел Макрон.

    Данскиот министер за одбрана Трелс Лунд Поулсен изјави дека целта на операцијата „Арктичка издржливост“ е да се воспостави попостојано воено присуство на Гренланд и да се спроведуваат заеднички вежби.

    „Ќе има ротација на сојузничките земји, кои ќе доаѓаат и ќе си одат од Гренланд“, кажа Поулсен, одбивајќи да коментира дали вежбите значат сигнал за Американците.

    Вицепремиерот на Гренланд, Муте Егеде, кажа дека уште војници ќе пристигнат во следните денови, заедно со повеќе летала и бродови.

    По средбата на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд Ларс Локе Расмусен и Вивијан Моцфелт со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Вашингтон, Доналд Трамп повтори дека Гренланд е важен за националната безбедност на САД.

    „Навистина ни треба. Проблемот е што Данска не може да направи ништо ако Русија или Кина сака да го окупира Гренланд. Ние можеме сѐ“, порача Трамп.

    Расмусен вчера изјави дека американско преземање на Гренланд е апсолутно непотребно, но призна дека не знае дали ќе се договорат за островот.

    „Очигледно е дека Трамп има желба да го освои Гренланд“, заклучи тој.

    Кремљ кажа дека е сериозно загрижен за доаѓањето на трупи на НАТО на Гренланд, додавајќи дека тоа се прави под лажен изговор дека постојат зголемени закани од Русија и Кина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира