ГИ ОДРЖУВАМЕ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВАСИЛИЧАРСКИ ИГРИ ЗА ДА ГИ ВРАТИМЕ НАШИТЕ ОД СТРАНСТВО, ОТИ ОД 500 КУЌИ ВО МОКРИЕВО 70 ОТСТО СЕ ПРАЗНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ

    ГИ ОДРЖУВАМЕ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВАСИЛИЧАРСКИ ИГРИ ЗА ДА ГИ ВРАТИМЕ НАШИТЕ ОД СТРАНСТВО, ОТИ ОД 500 КУЌИ ВО МОКРИЕВО 70 ОТСТО СЕ ПРАЗНИ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕНад 200 василичари со маски учествуваа на традиционалните „Странчинарски игри“ во Мокриево што имаше повеќе публика отколку што има жители во селото. (Фото: СДК.МК)

    За време на василичарските одбележувања во селото Мокриево, Општина Ново Село, деновиве се собраа повеќе посетители отколку што селото има жители. Во рамки на традиционалните „Странчинарски игри“, кои мештаните ги организираат секоја година, учествуваа десетина маскирани групи со околу 200 василичари, а манифестацијата ја следеа неколку стотини посетители од различни делови на Македонија и од странство.

    Карневалот се одржа во планинското село под Беласица, каде што жителите веќе две децении ја реализираат оваа народна манифестација во сегашниот формат.

    „Традицијата во селото Мокриево е вековна. Седум дена по Божиќ организираме василичарски обичаи. Прогласуваме најдобри маски и најдобри групи со атрактивни маски и маскенбалска презентација. Претходниот ден во селото се палат три огнови за да се истераат злите духови, а утредента се вари ракија и се подготвува качамак со пржени колбаси, кои се послужуваат на сите присутни“, вели еден од организаторите, Живко Спасов.

    Карневалот се одржа во планинското село под Беласица, каде што жителите веќе две децении ја реализираат оваа народна манифестација во сегашниот формат. (Фото: СДК.МК)

    Тој рече дека годинашното одбележување било едно од најмасовните досега, со учесници од Прилеп, Велес, Берово, Струмица и други градови во државата, како и поголема група од соседна Бугарија.

    „Најважно беше дружењето и одбележувањето, но манифестацијата има и друга цел. Со овие стари народни традиции и со проектите што ги реализираме преку Општина Ново Село се обидуваме, колку што можеме, да ги вратиме иселениците. Трагичен е податокот што од околу 500 куќи во селото, или 70 проценти, се празни. Од над 2.000 жители, денес бројот е намален за ист процент“, вели Спасов.

    Тој додава дека и самиот живее во странство, но секоја година за Василица се враќа во родното село и со месеци учествува во подготовките за манифестацијата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира