ВЕНЕЦУЕЛСКАТА ОПОЗИЦИОНЕРКА МАЧАДО МУ ГО ДАДЕ СВОЈОТ НОБЕЛОВ МЕДАЛ НА ТРАМП

    ВЕНЕЦУЕЛСКАТА ОПОЗИЦИОНЕРКА МАЧАДО МУ ГО ДАДЕ СВОЈОТ НОБЕЛОВ МЕДАЛ НА ТРАМПТрамп го опиша потегот како прекрасен гест на заемна почит (Фото; Бела куќа)

    Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо му го даде својот Нобелов медал на Доналд Трамп на нивната средба во Белата куќа, велејќи дека тоа е признание за неговата посветеност кон слободата на Венецуела.

    Мислам дека ова е историски ден за Венецуелците“, кажа Мачадо, која се сретна со Трамп помалку од две недели откако американските сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

    Трамп напиша на социјалните мрежи дека тоа е прекрасен гест на заемна почит.

    Сепак, Трамп претходно одби да ја поддржи Мачадо како нов лидер на Венецуела, иако нејзиното движење тврдеше дека победило на спорните избори во 2024. Место тоа, Трамп почна да соработува со Делси Родригес, која положи заклетва за нова претседателка на Венецуела и притоа не се откажа од Мадуро.

    Можеме да сметаме на претседателот Трамп. Му го врачив медалот за Нобелова награда за мир. Тоа е признание за неговата единствена посветеност кон нашата слобода“, рече Мачадо.

    Трамп често истакнуваше дека заслужил да добие Нобелова награда за мир, но таа лани ѝ припадна на Мачадо. Минатата недела, Мачадо кажа дека ќе ја дели наградата со Трамп, но од Нобеловиот комитет појаснија дека таа не може да се пренесе на друг.

    Откако ќе се објави Нобеловата награда, таа не може да се отповика, сподели или пренесе на други. Одлуката е конечна и важи засекогаш“, соопшти Комитетот минатата недела.

    Пред средбата во Белата куќа, Нобеловиот центар за мир соопшти дека „медалот може да го промени сопственикот, но титулата на лауреат не може“.

    Мачадо е жестока критичарка на Мадуро и симбол на отпорот и борбата за демократски промени. Таа беше избрана за единствен кандидат на опозицијата за претседателските избори во 2024, но Врховниот суд на Венецуела претходно ја исфрли од политиката на 15 години поради наводно учество во корупција. По изборите на кои Мадуро прогласи победа, Мачадо живееше во тајност на непозната локација.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира